СЈО откри криминален „Талир“ во ВМРО-ДПМНЕ

Три нови истраги, за перење пари во ВМРО-ДПМНЕ, криминални тендери за изградба на автопатишта и незаконска градба на куќи, соопшти дека се отворени Специјалното јавно обвинителство (СЈО) на денешната прес-конференција.

Во истрагата „Талир“, која е прва истрага од СЈО за перење пари, се сомничат дел од раководството на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за незаконско финансирање. Првоосомничен е претседателот на партијата, кој за зацврстување на политичката моќ и контрола во партијата и државата го овозможил незаконското финансирање.

Како што соопштија СЈО, претседателот формирал група која се занимавало со перење пари и нелегално стекнати средства од 2009 до крајот на 2015 година вкупно 4,9 милиони евра преку месните комитети биле уплатени на жиро сметката на ВМРО-ДПМНЕ, преку злоупотреба на личните податоци на членството на партијата и неточни податоци во уплатниците.

„Оваа обемна истражна постапка успеа да ги идентификува лицата од раководството на ВМРО-ДПМНЕ за кои постои основано сомнение дека додека себеси се прикажувале како совесни граѓани, кои навидум работеле за интересите на партијата, за своето незаконско дејствување од кое имале лична корист, ја искористиле партијата и во јавноста креирале погрешен впечаток дека токму политичката партија е таа која е одговорна за незаконито работење, иако доказите обезбедени во предистражна постапка не упатуваат воопшто во таа насока“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Средствата, во најголем дел, биле трошени за намирување на редовните обврски на партијата. Откриени се 71 договор за купопродажба кој е платен од незаконски стекнатите парични средства. СЈО соопшти дека дел од купениот имот не бил користен за партиски цели.

Дополнително истрагата покажала и нелегално донирање средства во партијата од страна на приватна фирма. Вкупно во оваа истрага се осомничени 14 лица.

Во текот на денот, СЈО информираше дека до судот ќе бидат поднесени 12 барања за изрекување привремена мерка „одземање имот“, односно „обезбедување имот кој за кој постои основано сомнение дека произлегува од кривичното дело“.

СЈО соопшти дека во оваа истражна постапка биле упатени повеќе од 570 покани, а биле сослушани преку 260 сведоци, додека најмногу време одзел прегледот на скоро 12 илјади уплатници од банките.

Во истрагата „Траекторија“ четири службени лица, поранешни високи владини функционери, се сомничат дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 ја злоупотребиле службената положба во постапката за избор на компанија за изградба на автопатните делници „Миладиновци-Штип“ и „Кичево –Охрид“ и нанеле штета на Буџетот на Република Македонија од најмалку 155 милиони евра, со кои компанијата изведувач се стекнала со имотна корист. Осомничените го прекршиле законот за јавни набавки и условите од кинеската влада и кинеската банка како заемодавачи.

Во истрагата „Тревник“ – се сомничат 3 лица за нелегална градба на викенд куќи во Општина Зелениково, без да имаат одобрение за градба. Куќите почнале со градба во 2011, а одобрение за градба е добиено во 2013 година, кога веќе биле завршени.

Специјалната обвинителка Катица Јанева соопшти дека предметите „Монструм“, „Скопје 2014“, „Мартин Нешковски“ и „Диво Насеље“, во овој момент не можат да ја информираат јавноста, бидејќи предметите се се уште во предистражна постапка.

Јанева рече дека не ги преслушуваат преостанатите 55% од разговорите кои ги поседуваат, затоа што се уште се обработуваат веќе преслушаните 45% од разговорите и во фокусот на работата се веќе отворените предмети.

Таа уште еднаш побара парламентарното мнозинство да го избрише членот од законот за да биде продолжен мандатот за подигање обвиненија од СЈО, а напомена дека е неопходно е и имплементацијата на препораките од Венецијанската комисија и измените на Законот за заштитени сведоци кои значајно ќе влијаат на нивната работа.