„Сите против ЕВН“ на 24 февруари најави протест во Скопје

Иницијативата „Сите против ЕВН“ на 24 февруари во 13 часот најави протест во Скопје, кој ќе започне од „Чаирачанка“. Бараат да им се приклучат Чаир, Шутка, Серава, Гази Баба, Дижонска, Топанско Поле, Визбегово, како и сите други населени места во Скопје.

Меѓу дел од барањата на „Сите против ЕВН“ е да не се пресметуваат на граѓаните 33,33% за ангажирана моќност. Потоа, броилата да бидат бесплатни – граѓаните да не плаќат за промена на броилата без разлика по кој основ истите се менуваат туку, велат тие, трошокот по истите да биде на товар на ЕВН Македонија.

„Да се простат долговите или поголем дел од нив на сите граѓани а посебно на ранливите категории како што се социјални случаеви, самохрани мајки, итн. Во најмала рака да им се дозволи долгот да биде подмирен на рати без пресметана камата, нотарски или трошоци од извршител туку да се подмири само основниот долг. Да се најде решение за долговите на ранливите категории во соработка со општините и со државните органи кои се одговорни за оваа проблематика. Да се намали цената на електричната енергија согласно животниот стандард во Република Македонија“, стои во барања од иницијативата кои ги соопштуваат преку Фејсбук.

Исто така, бараат да се најде решение за долговите на ранливите категории во соработка со општините и со државните органи кои се одговорни за оваа проблематика, да се намали цената на електричната енергија согласно животниот стандард во Република Македонија, а вклучувањето на електрична енергија да биде бесплатно.

„Фактурите да се доствуваат на албански јазик но и на други јазици во зависност од самиот корисник. Новите трафостаници да бидат на товар на ЕВН, а не на товар на корисниците. Броилата да не се ставаат по улици бидејќи корисниците немаат никаква контрола колку трошат електрична енергија и дали некој ги краде или не, тргнувајќи од фактот самата компанија може да манипулира без притоа корисникот да дознае за тоа. Мрежата да се направи согласно европските стандарди и јачината на електричната енергија да биде 230 волти (+ – 5 волти). Пресметката на фактурите да се направи колку е потрошена елетрична енергија од првиот ден до последниот ден во месецот. Паушалните односно фактурите кои се изготвени со ’машинска пресметка’ да се укинат во целост, секој месец да се мери броилото од страна на овластени лица од ЕВН заедно со корисникот на елетричната енергија за тоа одредено броило. Лицата овластени во ЕВН кои извршиле било какви манипулации со броилата или пресметките да се казнат и против истите да се покренат кривични пријави додека имотот или добрата кои ги стекнале во периодот додека биле овластени за вршење на било каква функција во ЕВН да им се одземат“, велат од иницијативата „Сите против ЕВН“.