Сириски бегалец го тужи Фејсбук поради лажни вести кои го обвинуваат за тероризам

Анас Модамани бил во Германија само неколку недели, кога голем број политичари и репортери го посетиле бегалското засолниште каде што живеел во Берлин.

Меѓу нив била и Ангела Меркел, која штотуку ја шокираше Европа отворајќи ги границите на Германија за сириски баратели на азил.

Анас, кој тогаш имал 18 години, направил селфи со германската канцеларка како што поминувала на 10 септември 2015 година, на кое двајцата се насмеани и релаксирани.

„Го направив селфито бидејќи ми е хоби да правам фотографии“, вели. „Беше за мене, не за други луѓе“.

Но, тинејџерот не знаел дека фотограф ја направил истата фотографија и ја предал на интернационалните медиуми.

Накратко потоа била преземена од радикални десничарски активисти и групи на социјалните медиуми, кои еволуирале во лажни вести во кои Анас бил обвинуван за тероризам и обид за убиство.

Сега го тужи Фејсбук во прв случај од ваков вид, тврдејќи дека му е нанесена штета поради неможноста да ги отстрани објавите во кои има лаги и клевети.

Меѓу нив има комбинација од селфито на Анас со слика од безбедносни камери од еден од бомбардерите од Брисел, тврдејќи дека тој бил еден од милитантите на ИСИС кои го нападнаат главниот град на Белгија.

Потоа, откако седум мигранти запалија бездомник на метро станица во Берлин, Анас повторно „бил еден од виновниците“.

„Бездомник запален. Меркел во 2015 направила селфи со еден од сторителите!“, пишува на Фејсбук.

Анас, кој сега има 19 години, вели дека за многу од објавите дознал од пријатели кои биле загрижени за неговата безбедност, кои го советувале да не излегува надвор за да не биде нападнат.

„Дојдов во Германија бидејќи сакав да живеам во мир, далеку од опасност“, вели анас. „Не сакам никој да продолжи да ја користи мојата фотографија на Фејсбук. Сакам да живеам на мир, без проблеми“.

Тинејџерот, кој работи додека учи германски, вели дека се уште му е драга фотографијата со Меркел, која ја објавил на Фејсбук заедно со други фотографии кои го документираат неговото патување од Дараја до Германија, преку Турција, Грција и Македонија.

Неговиот адвокат, Чан-јо Џун,тврди дека Фејсбук има правна обврска да отстранува дискриминирачки и лажни содржини, кои го прекршуваат германскиот закон.

„Наместо тоа, Фејсбук создаде содржина која и овозможува на нелегалната содржина да се множи“, вели тој за Independent.

„Во овој случај, или јас ќе ги покажам законите кои се уште се користат за ефективно да се практикува германскиот закон, или Фејсбук ќе научи дека не се исплаќа постојано да се прекршува законот“.

Австриската група Мимикама, која се бори против лажните вести и злоставувањето на социјалните мрежи, му помага на Модамани во случајот.

„Анас Модамани е најголема жртва на омразата, предрасудите и лажните тврдења на луѓето на социјалните мрежи, а е еден од многумина“, вели Андре Волф, член на групата.

„Лажните објави и клеветите не смеат да останат неказнети. Интернетот не е зона без правила“.

Случајот на Модамани ќе биде ислушан од окружниот суд во Вурцбург на 6 февруари.