Синдикатот за култура: Реакциите за нашиот протест покажаа како функционира системот на тортура

Реакциите кои пристигнаа од Министерството за култура заедно со СОНК, провладините медиуми и директорите на институциите, за протестот што го организираше Синдикатот за култура во вторникот се доказ за тоа како функционира системот на тортура во државата, велат од Синдикатот, чии членови протестираа пред ресорното Министерство токму со паролата „Тортура против култура“.

Од Синдикатот сметаат дека нивниот претседател на коректен, цивилизиран и демократски начин, јавно ги соопшти проблемите со кои се соочува културата, односно дека сериозно се повредени работничките права и е погазен нивниот професионален дигнитет, почнувајќи од измените на Законот за култура во 2014 година, преку непостоењето на колективен договор, ниските плати и неисплаќањето на надоместоци според различни основи.

„Како реакција на нашиот протест беше објавено „контра-писмо“ од страна на СОНК кој го дели нашиот став дека платите не се доволни и кој вели дека десетина години „јуначки“ се бори со Министерството. На наше „големо задоволство“, на крајот од нивната Тројанска војна, успеале да договорат каталог на работни места од кој избришале некои непотребни нешта. Им честитаме за „лавовската борба“ и за „огромното познавање“ на проблематиката на различните дејности во културата со коешто „нè куртулија“ од дивергентноста на работните места кустос-археолог, кустос-историчар на уметност и кустос-етнолог.

Директно засегнатиот протагонист, Министерството за култура го искористи нашиот протест за сопствен маркетинг и „автоевлогија“ во која пред јавноста „испеа“ што сè е изградено во изминативе години, во кои институции селективно се качени платите и колку проекти се реализирани. Министерството никако да сфати дека проектите не се реализираат сами од себе и дека во зградите не работат духови туку живи луѓе, уметници и стручни лица, индивидуи кои ја живеат сопствената професија за на крајот со нивните дела да се китат и фотографираат политичките „елити“. Овие луѓе заслужуваат усогласен и достоинствен финансиски третман во сите дејности на културата, а не Закон кој навредливо ги етикетира како „даватели на јавни услуги“ и во секој втор член има формулација која регулира санкции. Го потсетуваме Министерството за култура дека покачените плати во две институции, и тоа за време на техничка влада, не го решаваат проблемот на целата култура која исто така ја сочинуваат и музеи, галерии, библиотеки, конзерваторски центри и домови на култура каде што платите се на истото преживувачко дереџе повеќе од десетина години.

Реакциите на директорите, скриени позади институциите, претставуваат апсурд сам по себе, кој на површина ја исфрла неукоста на некои од нив и мачнината од „телефонската директива“ кај другите. Шупливи се фразите „институцијата се оградува од синдикатот“ кога двата субјекта, по дефиниција, секогаш се спротивставени поради соодносот во констелацијата работодавец и работник. Некои, дури го нарекоа СКРМ и „таканаречен синдикат“ со што директно го ставија под прашалник легитиметот на Централниот регистер на Македонија и Министерството за труд.

За реакциите на медиумите под уредничка контрола на власта, воопшто и нема потреба да коментираме затоа што нивната фанатична спинерска психоза одамна го трансформира нашето секојдневие во манастирскиот амбиент, креиран од Умберто Еко во Nomen Rosae“, се вели во соопштението на Синдикатот за култура.

Тие им повторуваат на сите политички субјекти во државата дека по формирањето на ново Собрание и нова Влада, очекуваат итно поништување на измените на Законот за култура од 2014 година, подготвување на нов Закон за култура и нов колективен договор во рамките на транспарентен процес, од кој овој пат нема да бидат исклучени носителите на дејноста.