Симона Сарделиќ,НМСМ: Канцеларија за млади од Западен Балкан е поттик за регионалната соработка

Симона Сарделиќ, член на УО на Националниот младински совет на Македонија денес се обрати на конференцијата посветена на самитот во Париз за Западен Балкан „Влогови за младите од Самитот во Париз“. Конференцијата ја отвори амбасадорката на Франција Лоранс Оер, а предавање одржа амбасадорот Антоан Грасен, задолжен од страна на француската Влада за организација на Самитот за земјите од Западен Балкан што ќе се одржи на 4 јули оваа година во Париз. Покрај нив на конференцијата говореа и Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, Бујар Лума од ЛОЈА, Томислав Гајтановски од здружението СЕГА и млади луѓе од Македонија кои ќе патуваат на Самитот во Париз.

Tекстот од обраќањето на Сарделиќ од НМСМ во продолжение:

„ Берлинскиот процес ја отсликува неуморната заложба за интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија. Со оглед на oдлуката за запирање на процесот на проширување на ЕУ до 2020, целта на овој процес е да го задржи ритамот на политичкиот дијалог за интеграција, но и да внесе нова диманика преку поттикнување на регионална соработка на земјите на повеќе полиња. Преку самитите во Берлин и Виена сведочиме на склучени договори за регионални инфраструктурни проекти, разрешување на билатерални конфликти и млади. Младинските прашања се во фокусот на овие средби и среќни сме што иницијативата започната на самитот во Виена ќе добие своја реализација на престојниот самит во Париз.

Основањето на канцеларијата за соработка на младите од Западен Балкан претставува ново поглавје на регионално вмрежување на младите. Таа има за цел да ja поттикне регионалната соработка на младите и да се издигне над сите предрасуди, стереотипи и ментални бариери на младите луѓе од регионот. Канцеларијата има за цел да ги индентификува заедничките интереси на младите и да поттикне солидарност, разбирање и пријателство, како и промовирање на истите преку принципите на еднаквост, инклузивност и соработка.

Мобилноста како главен елемент од програмата и активностите на канцеларијата ќе го зацврстат процесот на помирување на младите на Западен Балкан и борбата против стереоитипите, расизмот, ксенофобијата, говорот на омраза и дискриминацијата. Покрај тоа мобилноста ќе овозможи шанса за личен и професионален развој на младите, а воедно претставува можност младинските организации да разменат искуства и практики и поттикнува создавање на регионални иницијативи и мрежи.

Покрај потпишувањето на договорот за основање на канцеларијата, младинската конференција која ќе се случи на маргините од Самитот во Париз ќе овозможи 150 млади луѓе од Балканот и Европа да ги искажат своите ставови, очекувања и забелешки на четири теми кои се од клучен интерес на младите. Тие информации ќе бидат канализирани во официјални препораки насочени кон владите на државите учесници на Парискиот самит. Националниот младински совет на Македонија е активно вклучен во подготвителниот процес за конференцијата. Преку Европскиот Младински Форум, најголемото претставничко тело на младите во Европа, веќе има формулирано и предложено свои препораки за темите на конференцијата. Во оваа прилика би сакале да Ве информираме и дека ќе бидеме дел од самата конференција преку 8 претставници од телата на НМСМ и нашите организации членки.

Свесни сме дека главна тема која ги обединува младите од Западен Балкан е младинската невработеност. За жал нашиот регион ги има највисоките стапки на младинска невработеност на светско ниво. Како последица на ова се јавува социјална и економска исклученост на младите од општеството, висока стапка на емиграција и одлив на мозоци. Досегашните преземени мерки делуваат краткорочно, средствата оделени за ова прашање се мали и недостасува темелен стратегиски пристап од страна на државите. Затоа ги повикуваме државите од Западен Балкан да воведат младински гаранциски шеми по примерот на земјите од ЕУ. Државите треба да им гарантираат на младите невработени лица, дека во рок од 6 месеци ќе им биде понудена работа, пракса или преквалификација.
Мобилноста на младите луѓе веќе ја напоменавме како алатка за личен и професионален развој. Младите од Западен Балкан долго време ги користат можностите за мобилност кои ги нудат Европските и регионалните програми и се стекнуваат со вештини и компетенции. Значителен дел од овие вештини и компетенции се стекнати преку неформалното образование. Меѓутоа младите овие компетенции не можат да ги валоризираат бидејќи државите не ги признаваат поради начинот на кој се стекнати и затоа ги повикуваме оние држави кои отпочнале такви процеси да ги завршат, а останатите да започнат процеси за признавање на вештините и комптенциите стекнати преку неформалното образование. Воведувањето на младински гаранциски шеми и признавање на компетенциите и вештините стекнати од неформалното образование ќе ја зголемат компетитивноста на младите на пазарот на трудот и шансата за вработување.

Младинските организации имаат големо влијание во животот на младите, бидејќи со своите активности овозможуваат нивно активно вклучување во општествените процеси и оспособување да бидат креатори на квалитетно општество. Институциите не ја препознаваат доволно оваа улога на организациите и поради тоа се издојуваат минимални средства за нивна поддршка. Наша препорака до институциите е да ги зголемат финансиските средства наменети за младинските организации и други форми на организирање на национално и локално ниво.

Регионалната канцеларија за младинска соработка е специфична и од уште еден аспект, а тоа е дека за прв пат во регионот имаме загарантирано учество на млади луѓе во процесот на носење на одлуки. Претставниците на младинските и граѓанските организации од сите земји заедно со претставниците на владите ќе носат одлуки за функционирањето и развојот на канцеларијата. Младите ќе ги определуваат програмски приоритети.

Знаејќи дека нивото на младинско учество во носење на одлуки во земјите од Западен Балкан е најниско, предложениот систем за носење одлуки е голем успех за младите и преставува значителен напредок за демократските процеси на Западен Балкан. Партнерството на институциите и граѓанското општество е јадро на функционалноста на оваа канцеларија, па затоа ги повикуваме Владите на државите од регионот по примерот на канцеларијата да воспостават долготрајни механизми за соработка, партнерство и заедничко носење на одлуки со Националните младински совети, коалициите и другите форми на граѓанско здружување на национално и локално ниво. Вклучувањето на сите релевантни актери во процеси на креирање и носење на младински политики е гарант за успешност и ефективност.

Во овој контекст би сакала да напоменам, дека во Македонија треба да започне процесот на избор на еден член од граѓанските организации и институциите во Управниот одбор на канцеларијата. Некои од државите веќе ги избраа своите претставници, другите се во фаза на подготовка на изборот. Избраните членови ќе имаат голема одговорност, бидејќи во името на младите и институциите ќе носат одлуки кои треба да резултираат со позитивна промена во животите на младите луѓе во Македонија и во регионот. Затоа ги повикуваме државите да спроведат јавен и транспарентен процес на избор на членови во управувачката структура на канцеларијата. Членовите мора да бидат репрезентативни и избрани од целната група која ќе ја застапуваат. Потсетуваме дека НМСМ ја организираше првата национална консултативна конференција за Канцеларијата за регионална младинска соработка на Западен Балкан и на иснституциите им ги понуди своите капацитети и целокупната експертиза со која располага.

Во оваа прилика би сакала повторно да ја потенцирам важноста за спроведување на отворен и јавен повик за избор на член на УО на Регионалната канцеларија за младинска сорботка за младинските организации во Македонија под услови кои ќе бидат договорени заедно со младинските организации. Нашите организации членки предлагаат изборот да се изврши од страна на претставници на сите заинтересирани младински организации на отворен форум, на кој кандидатите ќе ги презентираат своите кандидатури и ќе бидат гласани од страна на сите заинтересирани организации. Тој избор потоа ќе треба да биде верификуван и официјализиран од надлежните институции. На овој начин, на процесот му се овозможува транспарентност, а на младите им гарантираме директно учество, како во дефинирањето на условите за избор, така и во изборот на сопствениот претставник.

НМСМ е подготвен да покрене една ваква иницијатива за основавање на национално тело за спроведување на избор на член од граѓанското општество и младите од Македонија во Управниот одбор на Канцеларијата. Мандатот на ова тело ќе биде до завршување на изборот на членот, а главната активност да го подготви и спроведе изборот на претставникот. Националното тело би вклучувало претставници на релевантни мрежи, сојузи и организации кои делуваат на полето на младите, а Националниот младински совет би имал клучна улога на медијатор во соработката со институциите, но и со други значајни засегнати младински страни и субјекти.

Се надеваме дека институциите ќе го прифатат овој предлог – модел и ќе го препознаат Националниот младински совет на Македонија како партнер во овој процес, што ќе преставува еден од чекорите кон исполнувањето на барањето содржано во Резолуцијата на Европски парламент за Македонија, да се признае улогата и да се воспостави траен механизам за соработка со Националниот младински совет.”