Шведска им нуди постојан престој на сириските бегалци

Шведските институции задолжени за емигрантите соопштија дека земјата отсега нуди право на постојан престој за сите бегалци од Сирија кои ќе дојдат на нејзина територија, со што станува првата европска земја која го нуди ова право.

Одлуката ги засега сите баратели на азил од Сирија. Претходно, дозволи за постојан престој добија околу половина од сириските бегалци во Шведска, додека останатите престојуваа во земјата врз основа на тригодишни дозволи.

Добивањето дозвола зависи од проценката на властите за тоа дали барателот на азил има индивидуална или генерална потреба од заштита. Ситуацијата во Сирија ескалирала во трајна состојба на „екстремизам и генерално насилство“, според шведската државна агенција. Одлуката значи дека околу 8.000 Сиријци кои во моментов се во Шведска исто така ќе добијат статус на постојани жители, со право да ги повикаат и членовите на нивните семејства во нордиската земја.

Одлуката на Шведска беше поздравена од здруженијата за човекови права, но дел од политичките аналитичари сметаат дека таа ќе претставува дополнителен притисок врз и онака вжештената дебата за емигрантските политики на земјата. Во 2012 и 2013 година, вкупно 14.700 баратели на азил од Сирија дошле во Шведска. По Германија, таа е европската земја со најмногу примени сириски бегалци.