Шведска го повлече обвинението против Џулијан Асанж

Шведската директорка на јавното обвинителство, Мариан Ни одлучила да се откаже од истрагата за силување против Џулијан Асанж, јави ББЦ.

Директорката Ни испратила барање до Судот во Стокхолм да се повлече налогот за апсење на 45-годишниот основач на Викиликс, кој од 2012-тата година живее во амбасадата на Еквадор во Лондон за да избегне екстрадиција во Шведска.

Неговите стравувања беа дека тој потоа може да биде екстрадиран во САД, каде што му се закануваше судски процес за објавувањето на стотици илјади тајни воени и дипломатски документи на американската администрација.

Лондонската полиција по веста соопшти дека останува обврзана да го уапси Асанж доколку ја напушти амбасадата за помало дело – одбивање да се предаде на судските органи.

Асанж целиот период ги отфрлаше обвинувањата за силување против него, а беше испрашуван во амбасадата пред шест месеци во присуство на претставници на шведските власти.

„Фокусот сега е на Велика Британија, која одбива да потврди или негира дали досега добила барање за екстрадиција на Џулијан Асанж во САД“, беше објавено на твитер профилот на Викиликс , по веста за повлекувањето на обвинението.