Штрајк на актерите против индустријата на видео-игри во Холивуд

Актерите кои ги позајмуваат гласовите во видео-игрите решија да престанат да соработуваат со некои од најголемите компании од индустријата.

Синдикатот кој претставува илјадници актери кои професионално се занимаваат со синхронизација, повика на штрајк против 11 компании за видео-игри, меѓу нив и гигантите во гејмерската индустрија – Electronic Arts и Take-Two Interactive околу спор со исплатата на хонорарите.

Синдикатот SAG-AFTRA, обединува околу 160 илјади филмски, телевизиски, радио актери и статисти и скоро две години се обидува да склучи нов договор со група од девет компании за видео-игри. Синдикатот ги претставува актерите чии гласови и препознатливост се познати во индустријата на видео-игри.

Главниот спор се барањата на актерите да добијат дел од приходите од продажбата на игрите, како бонус на стандардните просечни хонорари во оваа индустрија кои изнесуваат околу 825 долари за четиричасовен ангажман.

„Секундарната компензација е она што овозможува на професионалните артисти да ги хранат своите семејства помеѓу ангажманите“, пишува во соопштението на синдикатот.

Денеска штрајкот ќе се одвива пред студиото на Electronic Arts во Лос Анџелес.

Скот Џ. Витлин, адвокат на групата компании, изјавил дека тие понудиле дополнителен бонус покрај стандардниот хонорар, но поврзан со бројот на снимања кои актерите ги комплетираат, а не засновано на успехот на играта.

„Разочарани сме. Секогаш кога било кој работник штрајкува, тоа прави пречки. Имајќи во предвид колку е долг продукцискиот циклус за видео-игрите, штрајкот би требало да трае многу долго време за да има ефект“, рекол Витлин.

Ова е прв штрајк во Холивуд по скоро една деценија, кога штрајкуваа сценаристите. И иако не се очекува да има големи последици како претходниот, ефектите кои ќе ги има врз видео-игрите од секаков тип, се уште не се познати.