Штипјани денеска собираат донации за казнетите демонстранти

Во кафе барот Арт во Штип, денеска од 10 часот наутро, до полноќ ќе се собираат парични средства со цел да се плати казната од 1 300 евра за тројца учесници во Шарената револуција, кои беа казнети за боење на тротоари и улици во градот.

„Горан, Трајче и Борче од Штип се храбри, шарени револуционери. Тие несебично и без страв застанаа во првите редови на секој протест во Штип и го искажаа своето незадоволство против оваа неморална и нелегитимна, криминална власт.

Полицијата, плашејќи се да им се спротивстави, го занемарува фактот дека се на слобода вистинските криминалци, па затоа се занимава и ги третира како криминалци овие млади луѓе, кои немаат никаква дамка во својот живот. Казнети се за уништување на јавни објекти со боење. Боеле? Па, што и ако боеле, така само го разбија сивилото во градот. Зарем уништија јавен објект? Обоена е жардињера, на место каде што е предвидена фонтана! Еве каде е криминалот!

Затоа сега да застанеме зад Горан, Трајче и Борче, бидејќи тие стојат храбро на страната на правдата. Да не дозволиме сами да плаќаат некакви казни затоа што биле најхрабри и го изразиле незадоволството на сите граѓани на Штип. Да им покажеме дека не се сами!“, се вели во повикот на Шарена револуција.