Шарената револуција „удри“ на Триумфална и порача: Хорхе, ти си срам за Македонија

Од канцелариите на Специјалното јавно обвинетелство па се до Триумфалната порта на Плоштад Македонија беше денешната рута на Шарената револуција и неформалното движење Протестирам.

Пораката од протестот беше упатена до македонскиот претседател и гласеше „Хорхе, ти си срам за Македонија“, испишана на големото платно кое пред себе го носеа демонстрантите.

Иако кордони од полиција го обезбедуваат целиот реон, од СЈО до Собрание, балоните со боја летнаа кон Триумфалната порта, повторно боејќи ја во препознатливите бои на Шарената револуција.

Овде, на бината кај Триумфална, се обратија повеќе граѓани кои побараа мир, правда и слобода за сите граѓани подеднакво и ги повторија барањата на Шарената револуција.

Протестите кои почнаа на 12 април, откако претседателот Ѓорѓе Иванов најави општа аболиција за сите политичари за кои се водат постапки во Специјалното обвинителсство. Веќе осма седмица по ред барањата остануваат речиси непроменети, а досега е исполнето само тоа за одложување на изборите од 5 јуни. Со протестите се бара укинување на аболицијата и оставка од Иванов, вклучување на граѓаните во решавањето на политичката криза, формирање преодна влада што ќе ги спроведе реформските приоритети од извештајот на Прибе.

Останува најавата дека протестите продолжуваат се до исполнување на барањата, секој ден во 18 часот пред СЈО, но и во повеќе градови низ Македонија.