Шарена револуција во петок на протест: Да им кажеме на властите дека одбројуваме до 18 јуни

Неформалните движења #Шарена револуција и #Протестирам повикуваат на масовен протест во петок, во 18 часот пред Специјалното јавно обвинителство. Целта на протестот е како што велат, да ги потсетат властите дека одбројуваат до нивниот ултимативен рок и дека нивните барања се бескомпромисни.

„Поминаа три дена откако Иванов целосно ја повлече аболицијата и откако прецизно ги испорачавме нашите црвени линии и рокови. Власта молчи, Уставниот суд молчи, институциите на прогонот молчат. Време е за нов крик, време е да ги потсетиме дека до 18 јуни Уставниот суд мора да се произнесе за уставноста на СЈО за да сме сигурни дека правдата ќе биде заштитена.

Повторно ќе бидеме на улица, повторно ќе протестираме! Да им кажеме дека одбројуваме до 18 јуни. Да им кажеме дека мора да бидат ослободени сите приведени демонстранти и да бидат повлечени сите пријави од МВР кон нашите соброки и соборци“, велат од Шарена револуција.

Тие потсетуваат и на останатите нивни барања:

– Оставка од актуелната влада на ВМРО ДПМНЕ и ДУИ и формирање на преодна влада која докрај ќе ги спроведе итните реформски приоритети од извештајот на Прибе и ќе создаде услови за фер избори;

–  Формирање на специјално одделение во кривичниот суд, надлежно за случаите под јурисдикција на СЈО;

– Задолжително вклучување и присуство на независни претставници на граѓанското општество во процесот на решавање на кризата;

– Процесот на решавање на кризата да се одвива на територија на Република Македонија;

– Оставка на Ѓорге Иванов од функцијата Претседател на Република Македонија.