Шарена револуција пред Влада – Остануваат уште три дена од ултиматумот

Улицата пред Владата беше обоена со боите на Шарената револуција, демонстрантите денеска ги активираа и двата чатали за балоните со боја да стигнат до белата барокна фасада на зградата.

Активистите го испишаа бројот три, за да потсетат дека остануваат уште три дена од рокот кој им го дадоа на институците за да исполнат две од нивните барања: потврдување на уставноста на Специјалното јавно обвинителство и запирање на прогонот на демонстрантите кои се учесници во револуцијата.

Од бината пред Влада се обратија членот на Левица Здравко Савески, активистот Џељо Хоџиќ, дипломатот Никола Димитров и Аднан Цаферовски од СДСМ. Тие ги повторија барањата на демонстрантите и јавно ги искажаа своите ставови за Шарената револуција и нефункционалната држава.

Протестот почна со вообичаеното собирање пред СЈО, во 18 часот, по што демонстрантите се упатија кон Владата. За утре пак наместо протест во Скопје, Шарената револуција најави блокади на неколку мостови во градот.