Шарена револуција: Пералница пред Собрание и балони во воздух, за да си одат корумпираните политичари

Со пуштање на балони во воздух, но и споменик „пералница за пари“, демонстрантите побараа да си заминат корумпираните политичари и да се одговара за корупцијата.

Дел од активистите поставија импровизиран споменик спроти Собранието, во вид на машина за перење алишта која, како што велат, симболизира пералница за пари што работи 24/7. На поставувањето на „споменикот“, му претходеше и свечено сечење лента.

Пред Собранието беа пуштени балоните во воздух, со симболика, на ист начин да си заминат во историја и криминалците во земјава. Овде на разглас беа пуштани дел од т.н. опозициските бомби во кои се откриваат корупциски скандали во високите владини ешалони.

„Денеска протестираме поради корупцијата. Живееме во заробена држава, киднапирани институции и служат на партиската врхушка. Во држава каде важи се` за врхушката, а за другите ништо. Пред малку слушнавме како се договараат тендери, чувме каки се корумпираат медиуми. Ние сме блиску до институцијата кој се вика Државна комисија за спречување на корупцијата. Каде беа комесарите на оваа комисија кога во 2015 ги слушавме овие работи. Тие молчеа. Најлош чекор е да се бориш против корупција со помилување на криминал. Сакам да живеам во земја каде ќе има правда и мир“, рече во своето обраќање пред демонстрантите политологот Миша Поповиќ.

Поранешниот антикорупционер и адвокат Драган Малиновски порача дека овој режим мора да си замине.

„Корупцијата во Македонија создаде свој систем. Едно е сигурно, Македонија денеска е заробена држава. Толку се усоврши тој систем што може да се брендира за тоа како може да се развие еден тоталитаежрен систем“, додаде Малиновски.

Новинарката Сашка Цветковска пак говореше за неажурноста на институциите.

И денеска во 6 часот попладне, демонстрантите почнаа да се собираат пред канцелариите на Специјалното јавно обвинителство во Скопје. Еден час подоцна, скандирајќи „Оставка“, „Нема правда, нема мир“, „Мафија на робија“, продолжија кон Собранието на РМ.

Речиси еден месец траат протестите во главниот град кои се активираа откако претседателот Ѓорѓе Иванов општа аболицијата на политичари осомничени од Специјалното јавно обвинителство.