Шарена револуција: Нова боја врз Министерството за правда, граѓаните бараат вклученост во преговорите

Граѓаните не веруваат во Пржински договори зад затворени врати, тие сакаат активно да бидат вклучени во нив, порача вечерва студентот Демијан Хаџи Ангелковски, пред Собранието.

Тој во својот говор рече дека „граѓаните се туркаат на страна, додека владината локомотива ја носи државата во неповрат“, потсетувајќи на денешниот избор за ректор.

„Јас сум студент на Универзитетот „Св, Кирил и Методиј“ и се срамам од тој факт! Во ист ден најголемиот и најстар универзитет во Македонија доби два силни удари, за кои ми страв дека ќе го докрајчат. На криминален начин, преку нелегитимни студентски претставници беше избран нов ректор. Од друга страна во собранието беше предложен закон од ДПМНЕ за нов универзитет Даме Груев во Скопје. Тоа што се случува на УКИМ е приказ во мало на тоа што се случува со Македонија!“, рече тој.

Демијан Хаџи Ангелковски: Граѓаните сакаат активно да бидат вклучени во преговорите

За време на неговиот говор, пристигна информација дека возачите и комбето на Шарена револуција се застанати од полиција.

Демонстрантите се упатија кон комбето, но додека да стигнат, полицијата веќе си замина. По ова, активистот Замир Мехмети одржа говор со кој му порача на министерот за внатрешни работи дека активистите на Шарена револуција не се плашат и дека тој не им може ништо, бидејќи како што нагласи Мехмети, колку повеќе се заплашувани, толку повеќе демонстрантите се сплотени.

По инцидентот со комбето, демонстрантите наместо да се вратат пред Собрание продолжија кон домот на поранешниот премиер Никола Груевски, каде по неколкуминутно скандирање се повлекоа, поради силното полициско обезбедување.

Попречен патот на демонстрантите кон домот на Никола Груевски

Претходно, „командосите“ фрлија нова тура на боја врз Министерството за правда, обојувајќи го со препознатливите бои на Шарена револуција.

Нова тура боја за Министерството за правда

По протестот, активистите Симона Спировска и Павле Богоевски беа приведени во полициската станица „Беко“, но за кратко беа пуштени со прекршочни пријави.

Зборно место за демонстрантите денес повторно беше седиштето на Специјалното јавно обвинителство, на кое му ја дадоа својата поддршка.

Протестите на Шарената револуција траат повеќе од 80 дена. Досега успеаја да ги спречат изборите на 5 јуни и приведените протестанти беа ослободени, но продолжуваат да бараат од Уставниот суд да ја признае уставноста на СЈО и актуелната Влада и Претседател да дадат оставка.