Шарена револуција денеска: Боја за Собрание и силен револт од селективната правда

Боја за Собрание, транспарент „Селективна правда е неправда“ на англиски јазик пред ЕУ Инфоцентарот и голем број револтирани граѓани на улица е епилогот од денешниот протест во Скопје на неформалното движење Протестирам и Шарената револуција.

Пред собранието и денеска беше поставена импровизирана бина од која актерот Драган Спасов Дац истакна дека е горд што е дел од Шарената револуција, нарекувајќи се себе си хулиган.

„ Овој ограбен народ е вечерва овде, по сите градови низ Македонија. Тој народ ќе стави крај на ова. Утрово пред мојата врата дојде полиција за да го приведе мојот син. Чавков, мојот син не се плаши, како што не се плашат и овие луѓе собрани овде. Се плашите вие криминалците што ќе завршите во затвор. Мојот син не е криминалец, мојот син е храбро момче кое ја сака Македонија“, рече актерот Дац.

Марјан Ристески од Левица побара слобода за приведените демонстранти и порача дека демонстрантите нема да се откажат од борбата за остварување на барањата.

„Доаѓа времето кога полицаецот, војникот кога обичниот граѓанин ке си го добие своето место во ова општество“, рече Ристоски.

„Протестирам за да го запреме егзодусот на паметни и млади луѓе само затоа што не сакаат да извадат партија книшка. На криминалците од власта мора да им го покажеме вистинското место каде припаѓаат- во затвор“, додаде од бината пред Собрание еден од помладите демонстранти.

Пензионер кој се претстави како „претставник на најиманипулираната група во земјава“ пак порача дека „ова е борба за поголема демократија , слобода и борба за Македонија.

„Власта не ја интересира државата, туку само нивните интереси, тендери, ги интересира само да ја спасат својата кожа и да не одат во затвор“, рече пензионерот.

„Браво, кај ви е Чавков (министерот на МВР)“, им довикуваат дел од демонстрантите на полицајците кои во голем број го обезбедуваа Собранието.

Поделија и по некој цвет.

Протестот и денеска почна пред СЈО, во 18 часот од каде демонстрантите се упатија кон ЕУ Инфоцентарот. Таму, на асфалтот пред зградата испишаа транспарент „Селективна правда е неправда“, на англиски јазик, а како порака за европските претставници во земјава.

Протестите започнаа на 12 април , кога претседателот Иванов најави помилување за педесетина лица против кои се водат постапки пред СЈО. Ова наиде на рволт кај голем број од граѓаните кои веќе 7 седмици по ред секојдневно излегуваат на протест. Денеска Иванов пак соопшти нова одлука, дека ја поништува аболицијата за 22 лица, кои се политички експонирани, без да ги наведе нивните имиња.