Шарена Револуција со оган и боја, искршени прозорците на Министерството за правда

Масовен протест на Шарената револуција на улиците низ Скопје. Демонстранти со камења ги искршија прозорците на Министерството за правда и запалија бакљи, откако објектот претходно беше обоен во боите на револуцијата, еден ден од истекот на ултиматумот на демонстрантите, а во знак на револт од неисполнување на нивните барања. Ако досега по фасадата се фрлаше со балони и детски пиштоли со боја, вечерва беа истурени стотици литри шаренило со помош на црево од страна на „ истренираните командоси“.

Колоната која тргна од СЈО, прво застана кај Владата, која овојпат го избегна чаталот на демонстрантите, но не и нивните говори.

„Не ви се плашиме. Дојдовме за да кажеме дека сме одговорни граѓани кои решија да учествуваат во решавањето на кризата . Не сме само ние тука, сите кои излегоа се дел од борбата. Граганите и партиите ќе продолжат заедно против овој режим“, истакна од бината пред Влада активистот Павле Беловски, кој синоќа беше приведен во полиција.

Тој порача дека граѓаните се дел од решението за кризата и побара претседателот на ВМРО ДПМНЕ да ги тргне канџите од СЈО.

„ Уставниот мора да се произнесе за уставноста на СЈО, судовите мора да бидат независни, а СЈО треба да може да води правични кривични постапки на суд“, рече беловски по што беше поздравен од демонстрантите со скандирања „Шутка не ти бега Никола“ и „Лопови“.

„Граѓаните за првпат се обединети во една мисла дека треба да го срушиме овој режим и да изградиме одново една граѓанска држава во која нема да има исклучени. Ве повикувам да бидеме сите сплотени како еден на улица. Нашата транзициска Македонија е мртва, се роди нова граѓанска Република Македонија, ова е историски момент за сите нас“, истакна Владимир Куновски од Левица, кој мина во кукен притвор повеќе од еден месец, поради учество во протестите.

Пред присутните се обрати и Радмила Шекеринска од СДСМ која истакна дека за излез од кризата се потребни правда и одговорност .

„Денеска овој народ излезе да бара право и правда и да му порача на Груиевски дека нема шанса за упште едни криминални избори. Денеска сме тука да кажеме дека Уставниот суд мора да донесе одлука за СЈО , дека Груевски мора да ги тргне рацете од сите институции“, истакна Шеќеринска. Свое обраќање на македонски и албански јазик имаше и активистот и еден од најредовните учесници во револуцијата, Замир Мехмети.

Ултиматумот на Шарената револуција беше поставен до 18 јуни, кога се барање исполнување на две барања – признавање на уставноста на СЈО и запирање на прогонот врз демонстрантите.

Демонстрантите продолжуваат кон Собранието.