Северна и Јужна Кореја ќе маршираат под исто знаме на Зимските Олимписки игри

Северна и Јужна Кореја се согласија да маршираат заедно под едно унифицирано знаме на Зимските Олимписки игри.

Министерството за обединување соопшти дека двете држави дошле до договор за време на денешните разговори во граничното село Панмунџом.

Оттаму информираат дека атлетичарите од двете земји ќе маршираат заедно под „унифицирано знаме“ кое ќе го прикажува нивниот полуостров за време на свеченото отворање.

Предлогот сега чека на одобрување од страна на Интернационалниот Олимписки комитет, кој ќе биде консултиран до крајот на неделата.

Двете земји се согласија и да формираат заеднички тим за женски хокеј, што претставува историски момент за полуостровот. Ова ќе биде првпат заеднички тим од двете корејски држави да се натпреварува на Олимписките игри.

Ова доаѓа по најавата дека Северна Кореја ќе испрати 230 навивачи во Пјонгчанг следниот месец.

Северна и Јужна Кореја ги отворија разговорите за Зимските Олимписки игри минатата недела – првпат по две години двете нации започнаа дијалог.

Понудата ги намали тензиите околу нуклеарните амбиции на Пјонгјанг, што се спроведуваат наспроти санкциите на Обединетите нации.

И покрај очигледното затоплување во односите меѓу двете Кореи, Јапонија повика на претпазливост во врска со „офанзивата со шарм” на Северна Кореја.

„Не е време да се намали притисокот или да се награди Северна Кореја”, рече јапонскиот министер за надворешни работи, Таро Коно.

„Фактот дека Северна Кореја е вклучена во дијалогот може да се толкува како доказ дека санкциите функционираат”.

Првичните предлози за формирање на заеднички тим за хокеј на мраз исто така беа примени со воздршка, бидејќи постои загриженост дека јужнокорејските играчи би можеле да го загубат своето место меѓу натпреварувачите од север.

Портпаролот на Министерството за обединување, Бајк Тае-Хун, изјави дека владата е свесна за загриженоста на јавноста дека додавањето на севернокорејските играчи би можело да ги помести Јужнокорејците кои го создале тимот.

Пред да се објави одлуката, јужнокорејскиот претседател Мун Џеј-ин, за време на посета на центар за обука, им рече на играчите: „Не знам дали ќе се случи, но заеднички тим ќе биде добра можност за хокејот на мраз да ја отфрли својата слабост како најмалку најпосакуван спорт бидејќи многу Корејци ќе се заинтересираат”.