Семејството на убиената малтешка новинарка поднесе тужба против полицијата

Семејството на Дафне Каруана Галициа, новинарката од Малта која неодамна беше убиена од автомобил-бомба, а беше жесток критичар на власта во државата, поднесе тужба против полицијата. Основата на тужбата е „неуспех во обезбедување на соодветна истрага за нејзиното убиство, која треба да биде непристрасна и независна“.

Каруана Галициа беше убиена на 16 окотмври, откако нејзиниот изнајмен автомобил експлодираше од бомба.

Нејзиното семејство го тужи шефот на полицијата бидејќи истрагата е надгледувана од службеник кој е во брак со министерка во владата, која и самата била критикувана во текстовите на Каруана Галициа.

Адвокатите кои го застапуваат семејството му пишале на полицискиот комесар изминатиот викенд, барајќи неговиот заменик, Силвио Валета, да биде отстранет од случајот во рок од три дена. Откако не добиле одговор, поднеле тужба во средата во Уставниот суд на Малта, повикувајќи да биде отповикан.

Валета е оженет за Жустин Каруана (која не е во роднинска врска со новинарката), која била назначена од премиерот Џозеф Мускат како министерка за островот Гозо во јуни.

Според Европската конвенција за човекови права, државите се обврзани да спроведуваат независни и објективни истраги за секое убиство.

„Вклученоста на заменик комесарот, Силвио Валета, ја нарушува независноста и непристрасноста на било која истрага за изгубениот живот“, тврди семејството во тужбата.

Додаваат и дека полицијата не ги информира за процесот, а приказни постојано се објавуваат во печатот.

Тужбата тврди дека убиството на Каруана Галициа е „нарачано убиство“ на новинарка, чија работа се фокусирала на политичарите кои се дел од истиот кабинет како и сопругата на заменик комесарот.

Велат дека новинарката открила „корупција, криминалитет, конфликти на интерес и етички неуспеси во носењето на одлуки“ кај политичарите и нивните соработници.

Политичарите низ Европа го критикуваат владеењето на правото во Малта, најмалата од сите земји членки на Европската унија.

Овој месец Франс Тимерманс, заменик-претседателот на Европската комисија, објави предупредување до владата на Малта.

Одговарајќи на јавно писмо од осумте најголеми медиумски организации во светот, меѓу кои и Њујорк Тајмс, ББЦ и Гардијан, тој изјави: „Очите на Европа се свртени кон малтешките власти. Сакаме тие кои се директно и индиректно одговорни за ова ужасно убиство да бидат изведени пред правдата“.

„Сакаме истрагите да се спроведуваат како што треба, за било кои поврзани грешки кои може да се појават, ќе бидат казнети, а потенцијалните структурни проблеми ќе бидат решени“.