[Фото] Со активизам‬ против семејното насилство

Со транспаренти во рацете како потсетник за жртвите на семејното насилство и крвави лица и облека, активистките во Скопје и денеска го дигнаа гласот за горливиот проблем. Поводот за акцијата е одбележувањето на 25 ноември, Меѓународниот ден против насилството врз жените.

Фотографиите беа споделувани под хаштаговите #‎ГласПротивНасилство и  ‪#‎365ДенаАктивизам‬.

Во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден против насилството врз жените, од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство најавија дека ќе продолжат со кампањата „365 дена активизам против насилство врз жени“.

„Оваа година 2015 се случија уште четири убиства на жени. Минатата година бројката на овој ден беше 16 убиени жени во последните 6 години, и ако добро се сеќаваме сите , на 25 ноември медиумите јавија за уште едно трократно убиство. За една година имаме вкупно 7 жртви на семејно насилство. Бројот на обидите за убиство е уште поголема.  Сите овие убиства се извршени од членови на поблиското семејство, најчесто сегашни или бивши партнери. Во поголемиот дел од овие случаи постоело и веќе било пријавувано семејно насилство“, потсетуваат од мрежата.

Оттаму велат дека државата изминатата година не направила ништо за да ја подобри состојбата, во однос на сервисите за заштита и поддршка на  жртвите на семејно насилство.

Тие бараат ратификација на Истанбулската Конвенција за спречување и борба против насилството врз жените и семејното насилство како најсеопфатниот меѓународен договор во оваа област во кој насилството врз жените е препознаено и дефинирано како кршење на човековите права. Во моментот Македонија е единствената земја во регинот која сеуште ја нема ратификувано Конвенцијата.