Семе на уличната уметност никнува во Бања Лука

Уличната уметничка сцена во Бања Лука е мала и под притисок, но локалните уметници се обидуваат да ги направат графитите и муралите што поприфатливи и за властите и за заедницата.Уметничките дела од 24-годишниот Стефан Михајловиќ во Бања Лука се редок симбол на не многу развиената урбана култура во градот, пишува Соња Терзиќ за БИРН.

Во Ханиште, на безбедна оддалеченост од центарот на градот, со дозвола од своите соседи, тој со години ги украсуваше ѕидовите со големи портрети на меѓународни и домашни ѕвезди.

Сепак, муралите на познатиот југословенски актер Бата Стојковиќ, реге иконата Боб Марли или ликот на Шиљо од цртаните филмови се повеќе исклучок отколку правило во главниот град на Република Српска, ентитетот на Босна и Херцеговина што е претежно српски.

Прописите против нелегалните графити се строги. Но тоа не му пречи на Стефан, велејќи дека чувствува потреба да се искаже. Михајловиќ вели дека полицијата дошла неколку пати, додека тој работел, и понекогаш морал да плати парична казна, но работите се промениле откако ги освоил соседите.

„Еднаш, кога дојде полицијата додека работев, една баба од зградата извикна од прозорецот: Оставете го детето на мира, не го допирајте!”, се сеќава тој.

„Сега немам никакви проблеми”, додава тој.

Но, работите не течат толку лесно за уличните уметници кои ја немаат моќта за убедување на Михајловиќ.

Тешко е да се убедат градските власти за основаноста на муралите исцртани на ѕидовите во центарот на градот. Учесниците на регионалниот фестивал за улична уметност, „Графити џем“, кој се одржува во Бања Лука од 2011 година, работеле на платна со години пред минатата година да добијат зелено светло да насликаат еден ѕид во центарот на градот.

Како резултат на тоа, центарот на Бања Лука го доби својот прв законски мурал, а повеќето локални жители дошле да го видат новиот украс, дело на Артез од Белград и Лонац од Загреб. Муралот, наречен „Најди го својот начин да одлеташ”, беше прогласен за најдобар од ваков вид во ноември минатата година на меѓународната селекција на веб-сајтот „Стритартњус“. Овој пробив укажува на тоа дека урбаната култура полека, но сигурно се инфилтрира во мејнстрим културата на Бања Лука.

Почетоците на муралите, графитите и другите видови на улична уметност во Бања Лука датираат од времето на недовршената зграда на хотелот „Палас“ во центарот на градот. Тоа е местото каде што Михајловиќ пред многу години ги научил своите први движења со боја во спреј, заедно со други момчиња, кога бил тинејџер со суканици. Иако хотелот е сѐ уште недовршен, неговите ѕидови сега се покриени со графити невидливи за минувачите. Голем број од уличните уметници оттогаш продолжиле да се занимаваат со некое ново хоби, но Михајловиќ останал верен на својот позив.

„Преку ноќ започнав да сликам мурали во Ханиште. Ѕидовите веќе беа покриени со графити, па си помислив – ‘Зошто да не редекорирам’ “, се сеќава тој.

„Подобро е да видите некое убаво, конкретно дело на одредена тема, отколку некои бесмислен чкртаници”, објаснува тој.

Отпрвин тој морал да се справува со непријателството од страна на своите соседи, но потоа тие се загреале за неговиот избор на мотиви.

„Сликам меѓународни музички ѕвезди, но, исто така, и локални. Ја добив поддршката од постарата генерација со графитот на Бата Стојковиќ, бидејќи иако старите жени не слушнале за Боб Марли, тие сигурно знаат кој е Бата Стојковиќ”, објаснува тој.

Денес, Михајловиќ има посериозен изглед и избричената глава е замена за старите суканици. Но, тој сѐ уште ја има иста потреба да создава. Освен неколку помали парични казни кои требало да ги плати кога некои од соседите го пријавувале, проблемите со полицијата одамна исчезнале.

„Работам дискретно; не се издвојувам во однос на другите кои се занимаваат со графити во Бања Лука”, вели тој.

„Дури и полицајците ми даваат комплименти за мојата работа”, додава тој.

Членовите на уметничката група „Фластер“, исто така, велат дека никогаш немале проблеми со пораките што ги пренесуваат нивните дела.

Нивниот уметнички проект изврши огромно влијание врз перцепцијата на јавноста за уличната уметност.

Нивниот мурал „Најди го својот начин да одлеташ”, покажува надреален балон со мотиви од природата – риба и петел на врвот. Две раце излегуваат од балонот и ги прекрстуваат прстите во предниот дел, симболизирајќи лик што мисли на нешто.

Муралот е она што уметниците од „Фластер“ се надевале дека ќе го создадат веќе подолго време.

Групата, која е формирана во 2010 година од страна на дипломците на уметност, одлучиле да основаат фестивал на улична уметност.

Бидејќи никогаш не добиле дозвола од градот да сликаат врз ѕидовите, уметниците украсувале платна, како и внатрешниот двор на студентски кампус.

Во меѓувреме, со поддршка од Музејот на современа уметност на Бања Лука, властите ја прифатиле идејата на неколку уметници кои сликале мурали во центарот на градот, која, покрај одобрувањето на граѓаните, исто така, би добила и меѓународно признание.

„Оваа соработка отвори една нова димензија на она за што се боревме, да ја смениме целата концепција за ’улична уметност’ и да им дадеме на графитите етикета на уметничко дело, што всушност и се”, вели Моника Поњавиќ, член на „Фластер“, објаснувајќи дека на овој начин Бања Лука го добила својот прв законски мурал на јавен простор.

„Графити џем“, кој за прв пат бил организиран во 2011 година, во меѓувреме станал платформа за размена меѓу уличните уметници, и заедничка работа на различни материјали – од ѕидови до платна и табли.

Промена во културната клима

Членовите на „Фластер“ го основаа фестивалот за да го популаризираат овој жанр  на уметност кај пошироката публика, не само поради нејзината важност за Бања Лука туку, исто така, да се претстават уметниците од градот и регионот пред меѓународната публика.

„Пропорционално, во градот има многу малку уметници во однос на неговата големина и бројот на уметници се намалува”, вели Поњавиќ.

Таа чувствува дека Бања Лука западнала во летаргија и меланхолија и дека уметниците не се обидуваат да креираат, или едноставно исчезнале.

Сепак, Поњавиќ вели дека климата се менува на подобро со последните случувања.

„Уличната уметност во Бања Лука не постои, или ако постои, таа е сведена на уметност на ниво на поединец која може да се најде во траги во градот”, објаснува таа.

„За жал, ’Фластер’ во моментов е единствената видлива манифестација за тоа, додека сите други се затвориле, ако и некогаш постоеле.

„Овде зборуваме исклучиво за уметноста за цртање графити. Дури и не можеме да зборуваме за други видови на улична уметност”, истакна таа.

Местата каде што има графити на студентскиот кампус креирани од страна на учесниците во „Графити џем“ станаа места каде младите парови, танчари, уметници и фотографи го поминуваат своето време, велат членовите на „Фластери“.

Мирко Комљеновиќ Миркан, член на „анти-културниот театар Алија Сиротановиќ”, вели дека на градот му требаат повеќе графити, како оние во Борик и Ханиште бидејќи тие прават градот да изгледа поубаво и целосно. Но, не секоја чкртаница на ѕидот може да се смета за уметност, вели тој.

„Јас би сакал да видам повеќе графити со силни пораки во Бања Лука, но градските власти немаат разбирање за овој вид на уметност”, се пожали тој.

„Знам дека постои дискусија дали Бања Лука треба конечно да добие еден ѕид за графити – но таков ѕид не е на повидок”, додаде тој.

„Јас неодамна учествував во цртање на провокативни графити на зградата на владејачката партија. Полицијата не го сметаше тоа за уметност и реагираше во рекордно време, а фасадата беше пребоена”, се сеќава Комљеновиќ.

Даворин Томиќ, новинар на дневниот весник „Прес РС“, се согласува дека Бања Лука треба да има повеќе графити во прометните делови од градот, истакнувајќи ги примерите од другите градови.

„Муралот во Борик е супер и сметам дека треба да имаме повеќе такви во градот”, вели тој.

„Не знам дали проблемот е во тоа што немаме доволно активисти кои сакаат да се изразат на овој начин, но она што го знам е дека е тешко да се добие дозвола за легално сликање на јавна површина”, додава тој.

„Ваквиот став на локалните власти кон уличната уметност ги тера младите уметници да се откажат, или да работат нелегално, што претставува повеќе вандализам од уметност”, продолжи Томиќ.

Михајловиќ, од Ханиште, вели дека со цртањето графити тој ја задоволува својата потреба да се изрази и да биде признат во неговата заедница.

„Луѓето почнаа да ме препознаваат по мојата работа и ова е задоволувачки. Имав понуди да правам политички графити, и да цртам воени генерали, но не бев заинтересиран за тоа”, додава тој.

„Тоа не е уметност, и таквите дела обично се пребојуваат. Ниту едно од моите дела никогаш не е пребоено”.

Михајловиќ живеел во Грција, Шпанија и Канада, каде добил впечаток дека уличната уметност е многу повеќе присутна и поддржана.

„Мојата желба е дека тука во Бања Лука би можело да се формира некој вид на заедница која се базира и го живее овој вид на живот, и се надевам дека ќе дојде време кога овој уметнички жанр конечно ќе го добие местото што го заслужува во нашето општество”, заклучува Михајловиќ.

Висока уметност или вандализам ?

Лана Павловиќ, куратор во Музејот на современа уметност на Република Српска, ги гледа графитите како форма на вистински уметнички израз и дел од урбаната култура на градот.

Нејзиниот ефект врз публиката може да биде еднаков на било која друга визуелна уметност, бидејќи луѓето размислуваат за своите пораки, вели таа.

Сепак, вели таа дека негативниот пристап кон оваа уметност отсекогаш постоел меѓу властите, „Од Белград до Њујорк, како и во Бања Лука”.

Причината за ова, вели таа, е дека графитите често се поврзуваат со безвредни чкртаници, кои се или навредливи или лични, што таа го гледа како вандализам.

„Позитивната страна на графитите е дека тие може да дадат нов живот на некои работи, или нова перспектива на јавните површини.

„Во врска со тоа, графитите и муралите треба да се создаваат како средства за украсување фасади … на креативност, како и за подигнување на свеста кај луѓето за современите текови”, додава Павловиќ.

Во борбата околу муралите, која постои уште од осумдесеттите години, вистински пробив бил направен од страна на групата „Фластер“ со нивниот фестивал, истакнува таа.

„Локалните улични уметници се претежно сликари и дизајнери кои навистина ја сакаат својата работа, и чие што творештво праќа пораки … Тоа е причината зошто Музејот одлучи да ги поддржи во 2013 година”, вели таа.

Изложбата на платна насликани од улични уметници, според Павловиќ, направи јавноста да сфати дека овие уметници не се деликвенти, туку квалификувани сликари и дизајнери.

„Во Бања Лука, исто како и во било кој град, може да се најдат добри места за квалитетни графити. Тоа може да изгледа многу интересно во смисла дека го украсува просторот и фасадите. Сега имаме неколку квалитетни примери”, заклучи таа.