Селмани: Ако се среди МТВ, ќе се средат многу работи во новинарството

Сите досегашни власти имаа цел да се умртви МТВ, а да се игра со приватните телевизии за полесно да се контролира или да се манипулира јавното мнение, вели претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

„Мислам дека секоја Влада која е сериозно заинтересирана за реформа во медиумскиот систем ќе ги прифати тие забелешки, затоа што тие се аргументирани. Основна забелешка на ЗНМ и на другите организации е процентот на финансирање на Македонската радио телевизија. Нашето барање е еден процент од националниот буџет да се одвои за финансирањето на МРТВ, јавното претпријатие македонска радиодифузија и дел на Агенцијата за медиуми. До тој процент е дојдено после долги анализи и собирање на информации за начинот на финансирање или подобро речено за начинот зошто не функционира собирањето на радиодифузната такса.

Ние сметавме дека околу 25 до 30 милиони евра се доволни за почеток Македонската радио телевизија да има оптимум средства на располагање за да може да се поврати, затоа што очигледна е стратегија на партиите, не само на претходната власт, туку и пред тоа, да се умртви МТВ, а да се игра со приватните телевизии со цел полесно да се контролира или да се манипулира јавното мнение. Затоа нашата проценка е дека ретерирањето на сегашната власт, на која лани кога беше во опозиција не ѝ пречеше еден отсто од буџетот, сега го намалуваат на 0,7 отсто. Ние во овој период ќе ги направиме сите напори да ја убедиме Владата дека еден отсто е оптимум за почеток за финансирањето на МТВ. Аргументите се на наша страна, единствен аргумент со кој Владата се бори во ова е дека немаат пари. Ако сакате сериозни реформи од кои очекувате резултати, а резултатот е МРТ да се поврати во живот, затоа што е умртвена, МРТ да биде независен и професионален јавен сервис, мора да ги најдеме тие неопходни средства“, вели Селмани.

Во интервјуто за РСЕ, меѓу останатото, тој говори и за барањето до Владата за субвенционирање на печатените медиуми, но и за условите и платите кои ги земаат новинарите.

„Приходите на новинарите се битни, ако новинарите не се задоволни од заработката, тогаш тие навистина нема да се вложат целосно во исполнувањето на нивната мисија. Јас сум убеден дека ако ние успееме да ги зајакнеме капацитетите на Македонската радио телевизија, јас верувам дека најдобрите новинари во Македонија, а има многу такви, ќе бидат вклопени или ќе бидат прифатени од Македонската радио телевизија, затоа што навистина таму ќе има потреба за креативен кадар којшто ќе учествува во создавањето на програмата. Ако таму се кренат платите на новинарите, ќе се крене и цената на новинарскиот труд и веројатно, јас очекувам тој тренд да мора да го следат и приватните медиуми. Затоа што еден од начините како претходната власт успеаја да ги убие во поим новинарите е и преку ниски плати“, смета Селмани.