Секој жител во државата лани направил околу 380 килограми ѓубре

Секој жител на државата лани направил 380 килограми ѓубре, што е за 2,7 отсто повеќе од 2014 година, додека вкупното количество на комунален отпад изнесува 786 182 тони, соопшти Државниот завод за статистика.

Според податоците на Заводот, вкупното количество на собран комунален отпад во Република Македонија во 2015 година изнесува 620 328 тони, што споредено со 2014 година, оваа бројка бележи зголемување за 8.9 отсто. Најмногу отпад е собран во Скопскиот регион, односно 151 592 тони (24.4 отсто).

Од вкупното количество на собран комунален отпад, 499 658 тони или 81 отсто се собрани од домаќинствата, а останатите 19 отсто од правни и физички лица (комерцијален отпад).

Според видовите на отпад, најголемо количество на собран отпад е измешан комунален отпад, 533 721 тони или 86 отсто, а најмало количество e отпад од гума, 1 395 тони или 0.2 отсто од вкупното количество собран комунален отпад.

Како што покажуваат податоците на Заводот, најголемо количество на собран комунален отпад (99.4 отсто) се отстранува на депонија.