Секој трет Македонец има алергии, загадувањето придонесува за влошување на состојбата

Во 2018 година, речиси секој трет Македонец ќе има некаква алергиска манифестација, изјави денеска проф. д-р Дејан Докиќ, за време на промоцијата на учебникот „Алергологија“ на Медицинскиот факултет во Скопје.

Тој вели дека според претходната епидемиолошка студија од Институтот за медицина на трудот од 2003 година, алергиите имаат тренд на двојно зголемување, поточно од 11,5 проценти сега има 25,1 процент, а според Докиќ, годинава овој тренд и понатаму ќе се зголемува.

Во своето излагање, Докиќ напомена дека околу 90 отсто од алергиите припаѓаат на два вида, а тоа се полен од трева и корови, и алергени од домашната прашина.

Според него, алергиите, особено оние од доменот на домашна прашина и целогодишните, се асоцирани со аерозагадувањето, бидејќи загадувањето на воздухот ги влошува симптомите на алергиските манифестации.

„Во овој период се во актуелна фаза, и заради аерозгадувањето имаме поголем број пациенти кои се примени на нашата клиника, се надевам тоа ќе биде краткорочно, и дека со промена на климатските фактори дека и тој момент ќе го надминеме“, рече тој.

Токму поради ова, забележа Докиќ, се јавила потребата да се направи еден ваков учебник, каде што ќе можат сите лекари да се справат со се поголемиот прилив на пациенти кои имаат алергија.

Инаку, за првпат во Македонија се објавува книга „Алергологија“, којашто на едно место систематски и клинички ориентирано се опишани сите алергиски болести.