Седумдневна обука за медиумска писменост како чекор кон инклузивно општество

Вкупно 29 новинари, социјални и младински работници од Македонија, Данска, Бугарија, Грција, Летонија, Шпанија, Словачка и Италија учествуваат на седумдневната обука „Медиумска писменост: чекор кон инклузивно општество“, што до 7 ноември се одржува во Струга.

Преку проектот замислено е учесниците да ги пренесат искуствата од своите средини и да дискутираат за моќта на медиумите во создавање, или искривување, на реалноста како последица на силното влијание што мигрантската криза го има врз европските држави.

Проектот го организираат Волонтерски центар Скопје и Европскиот центар за медиуми на зедниците во Архус од Данска, со поддршка на Данската национална агенција за програмата Еразмус + на Европската Комисија.

Според организаторите, целта на обуката е креирање поголема толеранција кон културните различности низ Европа, како и развивање критички однос врз пропагандните медиумски производи.