„Седум“ – моќна претстава за жените, активизмот и човековите права

Седнати на кафе во центарот на Скопје, младиот актер Бесфорт Идризи и писателката Сузана Гоцева си ги прераскажуваа впечатоците за драмата „Седум“, која во сабота од Македонија ја започнува својата балканска турнеја.

„Седум“ - моќна претстава за жените, активизмот и човековите права

Пишувана според вистински приказни, драмата зборува за жената, активизмот, општествените табуа, но и за силната борба за демократските и човекови права. Седумте жени во неа раскажуваат за тоа како се справиле со семејното насилство, силувањата, недозволените бракови, но и за личната борба со опшествените ограничувања.

Ниту еден од личностите избрани да играат во неа не е професионален актер, па оттука и предизвикот за Идризи, чија задача е да помогне ликовите вистински да бидат пренесени на сцената. Писателката Гоцева ја игра Марина од Русија, жената што ја отвори првата СОС линија за жртви од семејното насилство.

„Седум“ - моќна претстава за жените, активизмот и човековите праваУлогата за неа е тешка, и самата таа искусила што значи да се биде жртва на насилство. Сега отворено зборува за болката, модринките, но и молкот во бракот кој траел повеќе од три децении.  Вели, тешко се справува со емоциите на ликот во драмата.

„Некако многу лично ја доживеав Марина , и Бесфорт ќе ви потврди, имав многу голем проблем со контрола на бесот, на онаа лутина што се јавува секогаш кога ќе наидев на некоја реплика во која се споменува семејното насилство. Знам дека ова не единствениот проблем за жените, но сепак, овој лик  многу ми значи и лично вистински ме погодува“, вели Гочева.

„Седум” дојде во Македонија во организација на Шведскиот Институт, а во соработка со Детскиот Театарски Центар и Амбасадата на Шведска. Премиерата е закажана во сабота, на 2 ноември во киното Фросина во МКЦ, а влезот е бесплатен. Ликовите ќе зборуваат на македонски, албански, турски, српски и ромски јазик, подготовките се во полн ек.

„Седум“ - моќна претстава за жените, активизмот и човековите права„Самиот проект „Седум“ го носи оној карактер на инклузивност. Не е проект кој е ексклузивен само за професионални акатери, само за жени или само за одредени нации. Ова е проект кој во себе се обидува да сплоти и обедини што повеќе луѓе, што повеќе активисти, од колку што е можно повеќе сфери. Токму затоа, и покрај тоа што сите седум улоги се женски, кај нас улогите ги играат и мажи“, вели Идризи кој уверува дека  силна е моќта на театарот и повикот за промени.

Време е во Македонија се погласно да се зборува за овие теми, пред за младите генерации, смета Гоцева.

„ Кога влегов во мојот брак кој што траеше речиси 33 години , во тоа време беше многу невообичаено за жената да повика полиција. Секогаш жената била онаа која размислува, еве сега ако викнам полиција што ќе кажат соседите , не сакам да правам скандали…јас бев една од онаа генерација жени кои упорно молчевме за се што ни се случуваше. И сега мислам дека македонската жена сеуште, иако е свесна за правата кои ги и има и за тоа дека може да пријави насилство, сепак ова кај нас останува табу тема. Можеби од срам, можеби од оние традиционални убедувања, од домашно воспитување“, смета Гоцева.

Покрај неа, ликовите во претставата ги добија Есма Реџепова Теодосиевска, Аделина Марку, Рамадан Рамадани, Драгана Милошевска, Ахмет Ердем и Крсте С. Џидров. Актерот Идризи е задоволен од тоа како тие се снаоѓаат со репликите. Сега, вели тој, најважно ни е публиката да ги почуствува емоциите.

„Седум отвори низа прашања. Се надевам дека барем дел од овие прашања кои јас сега си ги поставувам ќе успееме да ги поставиме кај публиката. Би бил наивен кога би рекол дека оваа претстава би решила некој проблем или би понудила некаков одговор, тоа не е целта на театарот. Јас се надевам дека ке ја покренеме свеста околу овие проблеми и ќе ги натетраме самите граѓани да реагираат за да ги подобриме состојбите“, се надева Идризи.

„Седум“ - моќна претстава за жените, активизмот и човековите права

Улогите на ликовите од „Седум“ досега ги прочитале 500 политичари, актери, активисти, мажи и жени од целиот свет. Претставата во режија и продукција на Хеда Краус Сјогрен е изведена низ целиот свет, вклучувајќи ги Шведска, Европскиот парламент во Брисел, САД, Холандија, Турција, Белгија, Нигерија, Финска, Србија, Русија и Јордан.

Целиот проект се заокружува со бројката седум, седум жени автори кои ја напишале, седум ликови за кои пишуваат, од седум различни држави. Предизвикот сега е седум вакви претстави да се одиграат и на сцените низ Македонија.

Ј.Ј.