Седум концерти за 15 издание на Оффест, фестивалот се отвора во петок

Со соло-концертот на чешката пејачка и виолинистка Ива Битова, во петок во кино „Фросина“ ќе биде отворено 15 издание на фестивалот Оффест. Програмата годинава ја сочинуваат седум концерти, распоредени во четири фестивалски дена – од 27 до 30 мај.  На првата фестивалска вечер, во Метрополис арена ќе гостува и францускиот бенд Сен Жермен алијас Лудовик Навар, кој на сцената се враќа по 15 години со нов албум.

Во следните три дена Оффест ќе се одржува во Дансинг салата на МКЦ. Во сабота, 28 мај, ќе настапат Саул Вилијамс од Лос Анџелес, поет, рапер и хип-хоп изведувач и бендот Батида на диџејот Педро Кокенао од Ангола кој живее во Португалија и има интернационална репутација.

Во недела  пак е најавен настап на африкански состав „Пет Томас и Квашибу ареа бенд“, пред кој пак публиката ќе може да го погледне документарниот филм „Who Is Highlife?“, за музичката сцена во Гана.

На последната фестивалска вечер, 30 мај, ќе настапи познатата бразилска пејачка и гитаристка Бади Асад, а годинашниот Оффест ќе го затвори италијанскиот бенд „Канцониере Греканико Салентино“ кој ги следи традициите на т.н. таранта од јужна Италија.

Покрај концертите, во сите фестивалски денови во галеријата на Младинскиот културен центар ќе има мултимедијална изложба за сите гостувања во изминатите 14 изданија на Оффест.