Sea Dance 2015: Компилација од тешки басови, чил зони и одлична плажа

Иако ова е само втора година на Sea Dance фестивалот, како едно легитимно продолжение на легендата од Петроварадинската тврдина, EXIT 2015, посетителите имаа прекрасно искуство на плажата Јаз во Будва. Годинава помогнати од UKF, директно од Англија, фестивалот конечно успеа да остави одлични впечатоци од главната сцена, од чил зоните и доцните афтери кои уште долго ќе се паметат.

За журката оваа година се погрижија легендарните Prodigy, помогнати од RudimentalDJ set, Sigma, Wilkinson, Noisia, Black Sun Empire, Fred V &Grafix, Maduk, Roisin Murphy, Gramatik, Odesza како и локалниот „отворач“ на скоро секоја поголема журка, DubiozaKolektiv .

Иако беше малку невообичаено што настапот на епските Prodigy беше ставен за првиот фестивалски ден – чудото се случи и ја задрма половина Будва. Половина час пред самиот настап публиката полека, но сигурно се концентрираше во првите редови од главната сцена додека се чекаше да почне главниот настап на фестивалот. И како што беше очекувано, публиката стана „флуидна маса“ со првите звуци на „Omen“.

Во продолжение на вечерта, Noisia понудија одличен одмор од гужвата со својот „дрзок“ бас во скокачка еуфорија, додека Gramatik се претстави со чил-електро-свинг музика, перфектна за џускање на плажа. До крајот на вечерта, со сите потрошени сили, екипата на Радио МОФ се врати во шаторот на неколкуа часа спиење.

Останатите две изненадувања на фестивалот почнаа со синергијата на Rudimental, Sigma, Fred V &Grafixи Black Sun Empire. Вечерта почна лабаво. DubiozaKolektiv дигнаа дел од непознатата публика на нозе, додека го снемуваше целиот алкохол во кампот. На полноќ – вистинската забава почна. Рудиментал, иако само со DJ сет, сепак го започнаа сетот со тапан и и дадоа бас темпо на вечерта. Потоа дојде Sigma и работите се кренаа на следното ниво. Публиката ја прифати вибрацијата и новиот ритам. Како што Sigma го крена расположението, така Fred V &Grafix продолжија да го возат ритамот. Единствено паузата пред последниот настап за вечерта беше доволна да ги врати присутните во реалноста и да ги спреми за најдрскиот бас во животот со Black Sun Empire.

Второто чудо настапи цел ден подоцна. Вечерта на 17 ти јули настапија Zemlja Gruva , Roisin Murphy, Gotsome и Calyx &Tebee. Освен последните, се чини дека на другите некако не им беше местото на главната сцена на фестивалот бидејќи не се вклопија целосно во ритамот на танцот на морето со својата бавна музика. Вечерта вистински ја отворија Who see со енергичен настап, за веднаш по нив да дојде изненадувањето на фестивалот Viva Vox. Хор. Настапот беше феноменален, акапела искуство за сите пари. Забавата продолжи со балканското меинстрим искуство, Van Gogh.

Денс сцената пак беше преознатлива по ласерите инсталирани на неа за општо уживање на сите. Журките на оваа сцена започнуваа во 13 часот секој ден, а самата сцена се наоѓаше на плажата Јаз што пак направи оваа сцена да биде и чил атракција на фестивалот. Освен на Денс сцената, присутните можеа да се забавуваат и на уште две места, на сцените Латино и Реге.

И покрај поситни пропусти, Sea Dance festival 2015 си ја заврши работата и организираше одлична журка, на прекрасна плажа и со атмосфера за паметење.

Марко Ѓорѓиев