Се расветлува убиството на матурантот во Ѓорче Петров, апели за смирување на тензиите

МВР поднесе кривична пријава до Основото Јавно обвинителство во Скопје против 19 годишно лице за вчерашното убиство матурантот во населбата Ѓорче Петров.

Се расветлува убиството на матурантот во Ѓорче Петров, апели за смирување на тензиите

Полицијата се уште го бара предметот со кој е извршено убиството, информира од МВР од каде потврдија дека лицето што се сомничи за стореното убиство и претходно и било познато на полицијата, главно по сторени имотни деликти.

Како што информираа надлежните, на убиството му претходел обид за кражба на велосипед во дворот на сега веќе убиеното момче. Откако крадецот бил забележан, матурантот и неговиот татко прво со автомобил, а потоа пешки почнале да го бркаат. Пред пешачкиот мост што води до селото Сарај, го забележале осомничениот и по вербална расправија, дошло до тепачка во која крадецот, најверојатно со нож, го прободел момчето во градите.

Синоќа беше тензично во Ѓорче Петров. Протестите ескалираа со превртени и запалени контејнери, превртени автомобили, искршени и запалени дуќани и угостителски објекти, а полицијата едвај успеа да ја врати ситуацијата под контрола.Приведени се  18 лица, од кои пет малолетници, а останатите на возраст од 18 до 36 години.

Апели до граѓаните да се воздржаат насилство стигнаа од полицијата, од општината Ѓорче Петров, како и од неколку политички партии. Од Цивил – Центар за слобода апелираа граѓаните да се воздржат од секакви меѓуетнички тензии по убиството на матурантот од Ѓорче Петров и да и препуштат на полицијата да ја заврши професионално својата работа.

„Изразуваме жалење и сочувство до семејството за смртта на младото момче. Сметаме дека во овој момент е најважно лицето што го сторило убиството да биде изведено пред лицето на правдата согласно законите. Секое предизвикување тензии, особено на меѓуетничка основа, можат да го загрозат овој процес и да доведат до дополнителни ескалации на случувањата“, стои во соопштението од „Цивил“.