Се помалку студенти на државните и приватните факултети, пораст на студенти по веронаука

Анализата на временските серии податоци за бројот на запишани студенти во последните шест учебни години покажува општо намалување на бројот на студенти и кај државните и кај приватните високообразовни институции, стои во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за Призма.

Последните шест учебни години, од 2010/11 до 2015/16 вкупниот број запишани студенти во земјава е намален за 5,4%, односно за 3.385 студенти. Најдрастичен пад имало во учебната 2012/13. Од следната 2013/14 наваму бројот на студенти е во благ пораст, но сè уште е далеку од нивото во 2010/11.

Според истражувањето, падот е особено голем кај приватните високообразовни институции каде што само за шест години се запишале 26,4% студенти помалку. Кај државните високообразовни институции, намалувањето на бројот на запишани студенти е 1,3%.

Единствено расте бројот на запишани студенти на верските факултети каде што порастот е 6,1%. Растот најмногу се должи на огромниот скок на запишани студенти на Факултетот за исламски науки од 46,4%, наспроти огромниот пад од 38,1% на запишани студенти на Православниот богословски факултет.

Целото истражување може да се прочита тука.