Сара Спасова: Просекот од 9,97 беше пресуден за добивање на наградата „26 Јули“

Со просек 9,97 на Институтот за безбедност, одбрана и мир  при Филозофскиот факултет, Сара Спасова е една од добитничките на наградата „26 Јули“, на Фондацијата „Франк Манинг“ од Лондон. Спасова вели за наградата била известена преку мејл, бидејќи во моментов е на магистерски студии во Загреб. За нејзиното искуство со студиите во Македонија, но и за животот во Загреб, раскажува во кусото интервју за Радио МОФ.

Завршивте на Филозофски Факултет, на Институтот за безбедност, одбрана и мир. Колку сте задоволни од студиите, што е добро, а што треба да се менува?

Можам слободно да кажам дека на Институтот за безбедност, одбрана и мир  при Филозофскиот факултет, предаваат квалитетни професори, кои навистина се трудат своето знаење да го пренесат на  студентите на што е можно поефикасен начин. Секако, има и исклучоци. Знаењето кое тие  ми го пренесоа, гледајќи од оваа перспектива, е исклучително квалитетно и сум им навистина благодарна. Она што недостасува на Институтот е поголема соработка со потенцијалните  институци на кои би требало да се  усмерат студентите кои  завршиле на ИБОМ, како и нивно професионално усовршување со цел стекнување искуство и можност за директно вработување во гореспоменатите институции. Сметам дека овој Институт „произведува“ доста квалитетни кадри, кои и тoa како можат да придонесат во развојот на јавниот сектор. Голема штета е после четири годишно образование да не можете да се вработите по струка.

Потоа продолживте на Факултетот за политички науки при Универзитетот во Загреб. Како го направивте овој избор?

Одамна сакав да го продолжам своето образование некаде надвор од Македонија, а изборот да студирам на  Факултетот за политички науки при Универзитет во Загреб, го направив непосредно по моето учество еден семинар во Сплит, благодарение на моите професори од ИБОМ, каде запознав дел од професорите кои предаваат на Факултетот каде што моментално студирам. Тие ме информираа во врска со судиската програма која ја нудат, се заинтересирав и веднаш почнав со подготовки за аплицирање  на магистерски студии. Во Загреб сум неполна пола година и до сега сум навистина задоволна, како од судиската програма, така и од можностите кои ми се нудат.

Освен учењето, што правите во слободното време, каков е животот во Загреб и дали може да се спореди со тој во Скопје?

Слободно време, да видам искрена, ретко и да имам. Во принцип се трудам да балансирам помеѓу обврските и остатокот од времето, кое гледам квалитетно да го искористам. Најмногу ме исполнуваат тренинзите, тие се неизоставен дел од мене, каде и да одам.  Исто така, гледам секој слободен  момент да отпатувам некаде, тоа навистина е добра инвестиција на време и пари … Гледам филмови, читам книги, излегувам со пријателите.. А животот во Загреб? За мене, по мои криетриуми, беспрекорен. Не можам да го споредувам со Скопје, сепак е тој мој роден град, но моментално Загреб е мојот прв избор.

Најголем дел од младите од Македонија планираат да заминат во странство. Зошто се случува тоа, колку од врсниците се надвор од Македонија? 

Проблемот со одлив на мозоци веќе подолго  еден од поголемите проблеми со кој Република Македонија  се соочува,  а последиците веќе се чувствуваат, на сите полиња. Како што напоменав и претходно, проблемот, според мене, е тоа што веќе повеќето студенти се свесни дека после дипломирањето, нема да успеат да најдат соодветно работно место, или доколку најдат, биле несоодветно платени за таа работа. Познавам многу луѓе кои се одлучиле среќата да ја бараат надвор од границите на својата татковина, не сум само јас…

Какви се вашите планови, дали својата среќа ќе ја барате надвор од земјава?

Секогаш ќе се враќам назад, но на колку време и со која цел,  се’уште е не знам. Никогаш не се знае кои врати ќе ми се отворат во иднина. Во однос на моите планови во делот на образованието и работата,  не би сакала пред време да зборувам.

Наградата „26 Јули“ на Фондацијата „Франк Манинг“  од Велика Британија се доделува од 1980 година и е иницирана од Франк Манинг, донатор кој придонел за обнова на разурнатото Скопје по земјотресот во 1963 година. Во 1977 тој престојувал во Скопје и изразил желба секоја година да им се доделува награда на најдобрите студенти во завршна година на студии од областа на архитектурата и општествените науки. Висината на наградата изнесува 12 500 денари.