Сањин Јашар, активист: Во Словенија цвета црниот пазар и по донесувањето на Законот за медицински канабис

Словенија по примерот на повеќето развиени земји ја легализираше употребата на канабисот во медицински цели на почетокот од мината година. Словенечката влада тогаш изјави дека со легализирањето ќе се олесни лечењето, ќе се намали побарувањето на црниот пазар и дека ќе се намали самолекувањето. Но, речиси година и пол подоцна, ништо од ова не е остварено, сметаат тамошните активисти. Радио МОФ разговараше со Сањин Јашар, претседател на „Канабис социјален клуб Марибор“, кој викендов зборуваше на третиот семинар на тема „Демистификација на канабисот“, во организација на „Зелена алтернатива“. Тој вели дека луѓето ги избегнуваат препаратите од канабис, бидејќи се свесни дека тоа е неквалитетна имитација на маслото од канабис.

Како се одвиваше борбата за легализација на медицинскиот канабис во Словенија?

Во Словенија процесот почна многу брзо, со петиција за Закон, кој го предложи Словенечкиот социјален канабис-клуб. Сите активисти собиравме потписи месец и пол, но политичарите тоа го спречија. Пред три години владееше такво оптимистичко размислување како што е сега во Македонија, бидејќи сите мислеа дека тоа брзо ќе се направи, и тогаш нормално, ладен туш. Луѓето кои беа на позиции, тоа го спречија бидејќи знаат дека штом ќе се легализира, голем број луѓе ќе го користат. Во Словенија, граѓаните се доста освестени и ние се обидуваме да постигнеме секој да може сам да сади, но проблем е тоа што политиката и елитите сакаат да заработат пари и тие измислуваат начини како тие нам да ни го продаваат маслото кое ние сами можеме да го направиме.  Затоа, верувам дека штом ќе најдат начин да заработуваат од тоа ќе го легализираат.

И по најавите дека канабисот ќе се воведе во медицината, во Македонија тоа сè уште на некој начин претставува непозната тема. Каков е случајот во Словенија?

Мислам дека во Словенија активистите си ја завршија многу добро својата работа во информирање на јавноста. Имаше многу семинари на кои гостуваа експерти, како овој во Скопје и огромно знаење се сподели. Во моментов, мислам дека Словенија произведува најголема количина на масло на жител во регионот. Она што е проблем во Словенија е тоа што цвета црниот пазар, а во останатите поранешни републики веќе почнува да се развива. Луѓето се оставени сами да си прават и да се снаоѓаат, така што, ако тоа потрае уште три-четири години, нема да ни треба легализација, бидејќи оние што сега се лечат ќе се излечат, а останатите ќе продолжат да се снаоѓаат сами.

Во Словенија сега може да се најдат „Маринол и Сативекс“, тоа се препарати на база на канабис, за кои имаше доста реакции во однос на нивниот квалитет. Кој е вашиот став за тоа?

Предноста, условно кажано, кај Словенија беше тоа што овие препарати доцнеа, односно не стигнаа на време. Луѓето се толку освестени и информирани што речиси никој не сака да оди и да ги користи. Зошто некој би користел некаква имитација, ако оригиналот е подобар? Јас знам дека оној што зема масло од канабис, нема да купи „Сативекс“ или „Маринол“, бидејќи ако му помага нема да го менува. За наша среќа, фармацијата не може веќе на тој начин да контролира.

Како здружение кое се залага за прилично контроверзна тема за балканскиот простор, сте се соочувале ли со притисоци?

Ние постоиме три години како формално друштво, а пред две и пол години јасно нагласив во Парламентот што работиме и што планираме да правиме. Но, пред четири месеци, полиција ни упадна во нашиот клуб и ни заплени лек за околу 16 животи. Оние кои знаат колку е потребно за еден лек, може да пресметаат. Кога некој ќе каже дека одредена количина на канабис е запленета, јас велам дека украле лек за нечиј живот. Тоа се тие некои притисоци кои сега се појавуваат, и сега се бранат на сите можни начини. Гледаат дека луѓето наместо да одат на доктор или во аптека, доаѓаат кај нас или кај други здруженија. Само една билка може да уништи цела фармација, затоа се вршат притисоци и мислам дека нема да престанат.

Голем дел од лекарите велат дека не постојат релевантни студии кои докажуваат дека оваа билка лекува. Но, активистите, од друга страна, имаат секојдневно искуство со луѓе кои користат екстракти од канабис при лекување. Како вие гледате на тоа?

Ние сме тие информации и истражувања што ги бараат. Затоа јас често велам дека сè ми е во глава, немам ништо напишано. Сето знаење што го имам го стекнав преку пракса и тоа е всушност начинот на кој се создава вистинската наука. Не само да се тестира во лабораторија, туку и да се тестира на луѓето. Мене ми е жал што, иако веќе се знае дека сите цицачи имаат канабиноиден систем, ние се уште правиме тестови на глувци.

Како планирате да ја продолжите борбата во иднина?

Ние помагаме со совети за маслото, самите се едуцираме и други информираме, а за оние кои не се доволно финансиски поткрепени имаме шатори во кои сами можат да си посадат внатре кога е сезона. На повеќе начини се бориме колку можеме, таа борба не е само преку наука и образование, туку потребна е и теренска работа.

Е.П.