Само со зелени алтернативи и соработка меѓу партиите и активистите може да се извојува борба против рудниците

Кога локалните власти и инвеститорите се глуви и алчни, а економијата неразвиена, какво оружје им останува на граѓаните да се борат за своите основни потреби – чиста околина и здравје? Според Зелените партии на Европа, алтернативи има многу, но потребно е образование, зголемување на свесноста и истрајност во борбата против тешката индустрија.

Македонскиот југоисток дури годинава имаше „еко будење“, иако со години егзистира од органско производство. Но, жителите на Валандово, Дојран, Богданци, Гевгелија и Струмица не се единствените кои се бореле против тешката метална индустрија.

„Сум видел исти проблеми во Шпанија, Грција, Бугарија, Романија и многу други земји. Затоа, во 2012 година, Зелената партија на Европа усвои резолуција за проблемите со рударската индустрија, во која уште еднаш побаравме забрана за користењето на цијанид и рудниците со отворен коп. Изразивме и други барања, како тоа дека рударските компании треба да обезбедат осигурување кое одговара на ризикот кој тие го причинуваат. Така би можела да се покрие штетата која би била причинета доколку тие направат грешка и ја расипат околината“, вели Рајхарт Бутихофер од Европската партија на зелените.

Од своето искуство како член на најголемата зелена партија во Европа, Бутхофер заклучува дека место вадење на руда, големите компании треба да се насочат кон зелени алтернативи, како „урбаното рударство“.

„Наместо со отворен коп да вадиме руда во нечија општина, можеме да станеме свесни за фактот дека во нашите фиоки имаме стара технологија и електронски отпад, кои се многу подобар ресурс за злато и други благородни материјали“.

Рудниците со злато, нагласува Бутихофер, произведуваат 0,5 грама злато на тон ископана руда. Ако имаат среќа, додава, ќе најдат пет грама на тон. Додека пак, ако се работи со електронски отпад, може да добијат и 250 грама злато на еден тон ѓубре.

Како пример ја посочува белгиската компанија УниКор, која порано била рудник, а сега заработува повеќе со рециклажа на електронски отпад:

„Тие се доказ за тоа дека колку е порационално размислувањето кога се става акцент на зелената економија, во споредба со досегашните практики“.

Тој упати и на ризикот од прекугранично загадување, што често се случува, како и копањето на природно наследство или земјиште со историско значење, како ризици кои можат да поттикнат поголема маса на луѓе да се борат против ваквите рудници.

Сличен „бум“ на локални референдуми во последниве четири години имало и во Бугарија. За своето искуство како активистка, зборуваше Даниела Божинова, од Зелените на Бугарија.

„Видовме околу 50 локални референдуми во последните 3-4 години во Бугарија. Можам да видам сличен бран на популарност на еколошкиот активизам во Македонија, и гледам дека сме браќа по оружје“, вели таа.

Раскажува за успешни и неуспешни референдуми, но смета дека позитивната страна на сите нив е што привлекле меѓународно внимание, помош и активност од останатите еколошки здруженија и зелени партии.

„Тие ја зголемуваат видливоста на случаите и на некој начин се непристрасни. Луѓето од  владите понекогаш ги слушаат нив повеќе од пристрасните активисти“, заклучува таа.

Ги искритикува и Зелените партии дека не се лојални на својата кауза, кога еднаш ќе станат дел од владите.

„Како што сум читала, програмските документи на Зелените на Европа, планирањето и носењето на одлуки со земање на околината предвид, отсекогаш биле темел на нивната идеологија. Иако, Зелените покажаа дека не го бранат овој темел многу лојално кога ќе стигнат во Владата. Јас верувам дека ова е највредно, не можеш да имаш одржливи решенија и одржливи алтернативи без луѓето. Затоа ние мора да останеме активни во вакви ситуации, кога луѓето сакаат да го дадат својот глас. Овде ние настапуваме со знаењето и активизмот“, подвлекува Божинова.

На конференцијата организирана од Демократска обнова на Македонија, за борбата на валандовчани зборуваше активистот на Спас за Валандово, Димче Балески.

„Валандово е прво подрачје со органско производство во Македонија. Некаде во 2003 година, органското земјоделие почна во Валандово. Сите планови на валандовската општина предвидуваа дека градот ќе се развива во правец на еколошкото земјоделие и нема да има никаква тешка индустрија“, раскажува тој.

Вели дека уште пред да почне изградбата на рудникот „Казандол“, јавната дебата на која требаше да се запознаат граѓаните со потенцијалната инвестиција, била фингирана, вели тој.

„Јавната дебата беше најавена во албански весник. Кој во Валандово воопшто знае албански? Наполнија два автобуси свои вработени и претставници на локалната власт, и си одржаа јавна дебата на која сите присутни го поддржаа проектот“, вели Балески.

Она што се случувало во 2014, не е ништо во споредба со тоа што граѓаните ги снајде во неделата, на денот на локалниот референдум, смета тој.

„Амбасадорот на Украина во Македонија, оди во Валандово и дели пари по луѓето за да не излезат на гласање. Околу 40 џипови, со кичевска регистрација или дипломатски таблички, со знаменца на Украина, шетаат низ Валандово. Што прави амбасадорот во Ромското маало во Валандово? Сите набљудувачи на гласачките места беа поставени од претходната власт, која сè уште е локална власт. Никој од нив не гласал“.

Вели дека на денот на референдумот доцна дознале и дека цела генерација родена во 200-2001 година, кои сè уште не се полнолетни, ги имало на избирачкиот список, иако немаат право на глас. Оваа нерегуларност ја открил родител на 17-годишен малолетник.

Референдумот во Валандово не успеа, бидејќи недостасуваа околу 300 гласа. Сè уште не е познато кои се наредните чекори на граѓанската иницијатива, но и на инвеститорот Сардич.

Стефанија Тенекеџиева