Само 3% од студентите знаат за Законот за заштита од дискриминација

Дури 85% од студентите велат дека не се запознаени со ниту еден правен акт кој промовира антидискриминација, додека само 3% од студентите се запознаени со Законот за заштита и спречување на дискриминација.

Само 3% од студентите знаат за Законот за заштита од дискриминација

Ова се резултатите од истражувањето кое го спроведоа Младински образовен форум (МОФ) и Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“, презентирано на Правниот факултет „Јустинијан Први“, на трибината „Студентите и академската заедница против дискриминацијата-антидискиминациони политики на УКИМ“.

Истражувањето покажува дека студентите на УКИМ не се запознаени со правните акти кои ги штитат од дискриминација. Кога станува збор за  запознаеноста со правните механизми, 37% од студентите одговориле дека незнаат каде да пријават дискриминација доколку им се случи, а 14% одговараат дека не би пријавиле од страв од санкции.

Досега до Комисијата за заштита од дискриминација, МОН, СП, СПУКМ ниту до управата на факултетите во рамките на УКИМ не е пријавен ниту еден случај на дискриминација од страна на студент. На факултетите не постојат  тела кои би ги информирале студентите, ниту тела до кои би можеле да се поднесуваат претставки.

Жарко Трајаноски од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализирани заедници“ истакна дека непријавувањето на дискриминацијата од страна на студентите не значи дека таа не постои, туку дека тие немаат доверба во институциите или пак се плашат да ја пријават.

Според истражувањето, најзастапени облици на дискриминација во високото образование се оние врз основа на политичка припадност, етничка припадност и јазик и пол.

44,5% од студентите забележале дискриминација од страна на професорите заради нивниот пол, додека пак 44,1% професорите ги дискриминирале заради политичка позадина, истакна Александра Живковиќ од МОФ која ги презентираше резултатите од истражувањето.

Проф. д-р Гордана Бужаровска од Правниот факултет истакна дека решавањето на проблемот со дискриминацијата бара примена на конкретни мерки и акции, а не носење на нови законски акти за превенирање на овој проблем.

„Имаме релативно конзистентна законска рамка, но дискриминацијата не е проблем што се решава со закон, единствено може да ги регулирате постапките, процедурите и механизмите. Дискриминацијата многу често ја има во политиките, однесувањето, во постапувањето и многу почесто е скриена  отколку што отворено се покажува“, рече Бужаровска.

Проф. д-р Владимир Трајковиќ од ФИНКИ рече дека е потребно подобрување на соработката со официјалните студентски претставници за решавање на проблемот за дискриминација.

Даниела Паунова од Комисија за заштита од дискриминација го поздрави истражувањето, и се согласи дека студентите не пријавуваат дискриминација затоа што се исплашени од последиците,

„По ова истражување, Комисијата ќе почне поактивно да се заложува за промоција на нејзините активности и доближување на алатките на превенирање на дискриминација кон студентите“, додаде таа.

Резултатите кои беа презентирани на оваа трибина се дел од истражувањето кое го направија МОФ и Коалиција  „Заштита на здравствени и сексуални права на маргинализирани заедници“, а кое имаше за цел да ги испита облиците на дискриминација кои ги искусуваат студентите за време на своите студии, како и нивната запознаеност со поимот на дискриминација и правните акти кои нудат заштита од оваа појава.

Целосната анализа е достапна на следниот линк.