Само 18 проценти од територијата на Македонија има канализациска мрежа

Само 18 проценти од територијата на Македонија е покриена со канализациска мрежа, покажуваат податоците на граѓанската организација Новинари за човекови права.

Во урбаните средини 87 проценти од канализацијата е приклучена до градската мрежа, додека во руралните средини 79 проценти од тоалетите немаат пристап до градската канализациска мрежа, односно се со септички јами.

Од податоците на Новинари за човекови права се гледа дека само 16 проценти од Ромите кои живеат во Скопје имаат тоалет во домот, а оти останатите користат тоалети надвор од своите домови.

Во соопштението по повод Светскиот ден на тоалетите – 19 Ноември, пак, во врска со состојбите во светски рамки се наведува дека околу 60 проценти од глобалната популација или 4,55 милијарди луѓе или немаат тоалет дома или небезбедно се отстрануваат фекалиите.

Како што се надевува во соопштението, 869 милиони луѓе во светот практикуваат дефекација на отворено и немаат никакви објекти за санитација, а 1,8 милијарди луѓе користат неподобрени извори на вода за пиење без заштита од контаминација од фекалии.

„Глобално,  80 проценти  од  отпадните  води генерирани од општеството,  се  враќаат  во  екосистемот  без  да се третираат  или повторно да се користат, само 39 проценти од светското население користат безбедно управувани санитарни услуги.  Во комбинација со безбедна вода, подобрената санитација може да спречи околу 842.000 смртни случаи годишно“, се вели во соопштението од Новинари за човекови права.