Русија ги забрани Јеховините сведоци и ги прогласи за екстремистичка секта

Русија ги забрани Јеховите сведоци, откако Врховниот суд ја прогласи христијанската секта за „екстремистичка група“.

„Врховниот суд пресуди во корист на тврдењата на Руското министерство за правда, и отсега го смета Административниот центар на Јеховините сведоци во Русија како екстремистичка организација. Ќе се елиминира и забрани нивната активност во Русија“, изјави судијата Јури Иваненко.

„Сопственоста на организацијата на Јеховините сведоци ќе биде конфискувана и ќе стане државна сопственост“, додава.

Адвокатката на Министерството за правда, Светлана Борисова, вели дека Јеховините сведоци „претставуваат закана за правата на граѓаните, јавниот ред и јавната безбедност“.

Судиите наредија да се затвори штабот на групата во Русија и нивните 395 локални претставништа, како и да се конфискува сет имот.

Адвокатите на Јеховините сведоци велат дека ќе се жалат на судската одлука, која сè уште нема стапено на сила, и ќе го продолжат случајот во Европскиот суд за човекови права.

„Ќе направиме сè што можеме“, вели Сергеј Черепанов, претставник на Јеховините сведоци.

Во 2010, судиите во Стразбур пресудија дека претходна одлука на рускиот суд да ја забрани организацијата е неправедна.

Министерството за правда претходно имаше поднесено барање да се затвори националното седиште во близина на Санкт Петербург. Нивиот административен центар, кој има 175.000 членови, претходно беше суспендиран во март поради наводна „екстремистичка активност“.

Јеховините сведоци, кои се познати по проповедање од врата на врата и делење на бесплатна литература, одбиваат некои од најосновните правила на христијанството. Имаат повеќе од 8,3 милиони членови низ светот.

//