Русе Арсов, МОТ: Во театарот не можеш да го кажеш својот став и да останеш жив

Фестивалот МОТ е најзначајниот интернационален театарски фестивал во Македонија, кој го креираат група млади луѓе од Младинскиот културен центар. Годинава, фестивалот го слави 41. роденден, што го прави еден од најдолгите фестивали во регионот. Во интервју за „Ал Џезира“, продуцентот и член на програмскиот совет на фестивалот Русе Арсов, зборува за создавањето на идентитетот на фестивалот, за тоа како се менуваат фестивалите и како се менува публиката, но и за финанските потешкотии и слабата поддршка од држават.

„Го следам фестивалот во последните 15 години. Ми се чини дека МОТ се труди да ги следи современите европски театарски трендови – носиме интересни уметници и продукции, сосема различни од оние кои нашата публика може да ги погледне на редовните скопски репертоари, односно во македонските театри. Секако, се смени времето, како и околностите, што значело порано да сте гости на фестивал, некогаш немало толку театарски фестивали, било чест да се присуствува, а денес кога зборуваме за фестивали, ние зборуваме за пазари, а на пазар се има своја цена, условена со посетата.

…Се станува бизнис, што е страшно, особено за нас малите земји. Затоа одеднаш има полно фестивали, секоја продукција на крај оди на некој фестивал, помалку или повеќе релевантен. МОТ се труди да ги следи тековите и во рамките на својот буџет да донесе во Скопје навистина значајни театарски претстави, и да претстави нови имиња. Мене ми е драго што во последните неколку години имаме навистина интересна селекција, годинава тука е Чаба Хорват, автентичен автор кој доаѓа од Унгарија, тука е и Томас Остермајер, кој е еден од најзначајните европски режисери, а овде е со неговата нова претстава што се игра речиси шест месеци, а станува збор за „Галеб“ од Чехов, на театарот „Види“ во Лозана“, вели Арсов.

Тој во интервјуто вели дека фестивалот никогаш не добил помош од одредена институција, така што програмата како што вели тој се прави според буџетот што го имаат.

„Но, се трудиме, се бориме, се обидуваме да бидеме во тек со она што се случува во регионот и Европа. Нашето ново програмско обележје ќе се види следната година, бидејќи кога работевме минатата година за 40. издание на фестивалот, бевме свесни дека затвораме еден циклус. Сега ни е битно режисерите на претставите да не бидат само овде, туку низ непосреден разговор, да дискутираат за претставите со нашата публика, како што го направи тоа Остермајер. Тука беа и Себастијан Хорват, Кокан Младеновиќ, Лоренци… Моја желба е да го направиме МОТ да има малку поразлична улога во оваа држава, пред се неговата програма да трае цела година, затоа што имаме посветена публика и мислам дека не е фер да траеме само во одреден термин. Од друга страна, мислам дека македонскиот театар нема јасен фокус на делување, посебно независната сцена. Се обидуваме, токму поради тоа, да се вратиме на некој начин на почетокот, театарот да го прикажеме надвор од институциите, да излеземе во нетеатарски простори. Тоа е задачата на продуцентот на фестивалот, од една страна да донесе големи продукции, бидејќи на крај, големите имиња ја привлекуваат публиката, маркетингот денес одредува речиси се.

Понатаму во интервјуто, Арсов објаснува дека МОТ е млад, затоа што го создаваат млади творци, отворен, бидејќи се занимава со непосредната реалност и секако театар, затоа што тоа е медиумот што го претставуваме.

„Мислам дека театарот е последниот медиум каде може да излезеш како личност, да го кажеш јасно својот став и да останеш жив. Театарот се уште ја има таа моќ во себе. Затоа, за мене е важно во ова турбулентно време, во животот каков што сега го живееме, кој го одредуваат политичарите и друштвената сцена во која припаѓаме, да можеме да поставиме прашања и да ги преиспитаме ставовите, барем во театарот.

Кога го составував ова издание на фестивалот, цело Скопје беше на улица и решив да направам програма која ќе им се обраќа на тие луѓе, да можат да видат и да слушнат нешто ново, да видиме што имаат да кажат уметници кои доаѓаат од други средини. Се разбира, имаме и претстави кои не се политички ангажирани, но имаат во себе различен интензитет, отвораат некои други теми кои нам не засегаат, тоа се теми како смртта, љубовта, омразата“, вели Арсов.

Според него, оние кои ја водат државата изгубиле фокус за тоа што е култура, а што е естрада.

„Не само кога зборуваме за театарот, туку и за филмот, музиката, се се сведува на тоа кој продава најмногу карти, а тоа воопшто не е добро. Квалитетот не продава секогаш најмногу карти. Не само во Македонија, туку во целиот регион се изгуби главниот фокус, а тоа се културата и спортот“, смета Арсов.

Целото интервју може да го прочитате овде.