Роџер Санчез и Хладно пиво се најновото „засилување“ на Д Фестивал

Ѕвездата на светската денс сцена, Роџер Санчез и Хладно пиво, најголемите хрватски претставници на панк-рок естетиката се приклучуваат во листата на изведувачи на овогодинешното, шесто издание на Д Фестивал.

Амбасадорот на денс музиката и „Греми“ наградуваниот продуцент и диџеј Роџер Санчез ќе настапи на главната сцена на фестивалот. Санчез е еден од водечките светски артисти во денс и хаус музиката со статус „господар на жанрот“, а на големата сцена на Д Фестивал ќе го претстави својот секогаш актуелен звук поради кој стекна армија фанови, меѓу кои и останатите ѕвезди од сцената кои го направија познат и како „DJ’s DJ“ и „Producer’s producer“. Минатата година се покажа како една од најкреативните и најактивните години за Роџер Санчез, продолжувајќи го успехот на неговиот S-Man псевдоним, а по подолго време и првите изданија под неговото име, како што е огромниот успех на синглот „Remember Me“ кој од фаворит во листата на Пит Тонг (Pete Tong’s Essential New tune) за кратко време прерасна во глобален радиски и клупски хит.

Хладно пиво, предводени од Миле Кекин, ќе настапат на Д Фестивал во рамки на нивната голема балканска турнеја со новиот албум „Дани затворених врата“! Познати се како мајстори на настапите во живо, со секогаш исполнети и енергични настапи.

Д Фест годинава ќе се одржува до 15 до 17 јули во Дојран. Покрај Роџер Санчез и Хладно пиво, своите настапи веќе ги потврдија Goldie, Toy dolls, Dub Pistols, Чиста околина, Bernays Propaganda, Dubioza Kolektiv, Обојени програм, Lollobrigida, Фолтин, Sethstat & Мирко Попов, Conquering lion и Hypnotized на главната бина, kako I mnogu drugi imiwa na LakeAwake Stage. Наскоро ќе бидат објавени уште многу други изведувачи и гости учесници кои ќе го одбележат шестото издание на фестивалот.