Родителски пленум: Ние сме тука за нашите деца и секогаш ќе стоиме зад нив

Цврсто ќе застанеме позади нашите деца, беше едногласниот заклучок на Родителскиот пленум кој денеска ја одржа својата прва средба на платото пред скопската гимназија „Јосип Броз Тито“. На средбата присуствуваа родители од повеќе средни училишта, чии деца не се само матуранти кои се директно погодени од реформите во образованието. Родителите велат дека тие се дојдени за да им помогнат на своите деца да се изборат за нивните правата, но и да одговорат на прозивките за тоа колку се заштитени децата.

„ Ние и порано се среќававме во кампот кај средношколците во помали групи. Доаѓавме таму да носиме храна, донации, да дежураме во ноќните часови заради нивна безбедност. Досега не се вмешавме во поголем број затоа што имаме, не само доверба туку и восхит поради начинот на кој тие сами ги водат преговорите. Меѓутоа прозивките станаа прегласни , па сакавме да им одговориме дека ние сме тука за нашите деца и секогаш ќе стоиме позади нив“, изјави Јасна Шоп Трајанова, родител.

Родителскиот пленум им даде целосна подршка на средношколците

Денеска беше договорено дека ова е само почеток на ваквите родителски средби. Родителите од утре покануваат на помасовни посети на средношколскиот камп е поставен пред МОН веќе осум дена. Повикаа и на поголема масовност на родителите на ноќните дежурства. На денешната средба присуствуваа и претставници од Хелсиншки комитет, Народен правобранител, Студентски и Средношколски Пленум. Присутните се согласија дека не прифаќаат никаков компромис, бидејќи сметаат дека реформите ќе донесат полошо образование, но и помасовно исселување на младите од државата. Околу прашањето за губење година на средношколците кои ја бојкотираат наставата имаше различни мислења.

„Ништо не е исклучено, јас не сум правник и не ги знам доволно тие законски мерки околу губењето година, меѓутоа мене ми е сосема нелогично да се случи тоа. Повеќемината од тие ученици што се во кампот се одлични ученици, што значи дека ние веројатно би биле единствена држава во светот каде што одлични ученици повторуваат година,“велат од Родителскиот Пленум.

Родителскиот пленум им даде целосна подршка на средношколците

Протестите на средношколците беа иницирани поради тоа што МОН ја воведе математиката беше задолжителен дел од државната матура и го воведе електронското полагање. Кратко по почетокот на протестите, надлежните делумно ретерираа од идејата за задолжителната математика и најавија дека мерката ќе важи само за гимназијалците од природно-математичкиот смер. Потоа под притисок на Средношколскиот пленум, беше одлучено уште оваа година матурантите да полагаат по стариот концепт. Ова решение не беше прифатено Пленумот од каде сметаат дека и за идните генерации треба да остане стариот концепт на полагање на државната матура, а бараат да се стави во мирување и полагањето на екстерното тестирање.

„Ние како средношколци ги замолуваме сите родители, без разлика дали нивните деца сега се директно засегнати од овој проблем или пак не, да не подржат и да ни помогнат во нашата битка со лошите реформи во образованието“, велат од Средношколскиот Пленум.

Кампирањето на средношколците продолжува, тие веќе осми ден го „окупираат“ Паркот на новинарите спроти Министерството за образование и наука. Веќе петта недела трае и бојкотот на наставата. Учениците велат дека не се откажуваат од Средношколскиот фронт, се додека не се исполнат нивните барања.

Ирена Чаушки