Робот кој ја решава Рубиковата коцка диригираше концерт на Андреа Бочели

Италија, земјата која негува многу стари традиции, стана првата држава во светот во која со филхармониски оркестар диригираше робот, како најава за првиот Меѓународен саем на роботика во земјата, кој започнува утре.

Роботот Ју Ми, дизајниран од шведската компанија АББ, диригираше 3 музички дела, на концертот на италијанскиот тенор Андреа Бочели во Театро Верди во Пиза. Меѓу другите и познатата арија „La Dona e mobile“ од операта “Риголето“ на Верди.

„Флуидноста на движењата на Ју Ми беа репродуцирани на, за мене, незамисливо високо ниво. Ова е неверојатен чекор напред во споредба со грубите гестови на претходните роботи“, напишал во својот блог Андреа Коломбини, редовен диригент на оркестарот „Лука“ и тренер на роботот за оваа пригода.

Диригирањето со филхармонијата е последен во низата достигнувања за шведската компанија за роботика АББ, која првично го претстави Ју Ми во 2015 година. Опишан како „колаборативен“ робот, Ју Ми е дизајниран да работи заедно со луѓе и да им помага. Досега тој ја има демонстрирано вештината да ја реши Рибуковата коцка, како и тоа да вдене конец во игла.

Овие технолошки успеси беа соочени со критики поради загриженоста дека развојот на роботиката може да го престигне темпото на создавање работни места и со тоа многу луѓе да останат без работа.

Сепак Коломбини во својот став инсистира дека Ју Ми нема да ја одземе работата на луѓето кои „внесуваат дух и душа“ во диригирањето.

„Замислувам дека роботите можат да им асистираат на луѓето, можеби да ја извршуваат, во одсуство на диригентот, првата проба, пред тој да ги направи конечните прилагодувања кои ја сочинуваат материјалната и уметничката интерпретација на музичкото дело“, додал Коломбини.