Ристовски: Од идната година програмата од Кембриџ ќе продолжи во средно образование

Во основното образование е целосно завршена примената на учебници по наставната програма од Кембриџ за математика и природни науки и се прават подготовките од идната година проектот да продолжи во прва година средно образование.

„Комплетирано е основното образование, заклучно со деветто одделение. Во тек е повикот, врз основа на кој Бирото за развој на образованието  потоа согласно со законот ќе продолжи преговори со Кембриџ и оваа година ги почнуваме подготовките за следната година да почеме од прва година средно со реформирани наставни програми по математика и природни науки за средно образование. Така што, континуитетот го обезбедуваме онака како што ветивме“, рече заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

Според Ристовски, завршени се наставните планови и програми за учебници за 113 предмети за средно стручно образование кои досега недостасувале и, додаде тој, за 40-ина дена ќе биде објавен повик.

„Сега сме во подготвителна фаза да се објави повикот да се набават учебници за 113 предмети во средно стручно образование, за тригодишното, а паралелно работиме на подготовката кај четиригодишното. Во наредните три години, година за година, ќе се менуваат учебниците и во средно стручно. Тука станува збор за помала количина учебници, бидејќи се специфични области, и очекувам побрзо да оди и завршувањето на изборот и подготовката на учебниците. Нашата идеја е да бидат преземени и преведени. Согласно договорот што го нудиме, ќе ни бидат понудувани три странски учебници и кој од нив најмногу ќе одговара на наставната програма, тој ќе биде преземен. Ако се оди како што треба, во наредните 40 дена треба да излезе повикот, а во следната учебна година учебниците би биле целосно во употреба“, рече Ристовски.