Репортажа за снајперистите кои ги штитат носорозите во Кенија

Во природниот резерват Борана во Кенија, се преземаат драстични нови мерки за да се заштитат загрозените носорози од трговците кои ги убиваат за нивните рогови, пишува Chris Haslam за ВВС.

Не би очекувале Африка да биде студена, но овде во висорамнината Лаикипиа во Кенија е смрзнувачка. Дебел облак ги крие врвовите на планината Кенија и како што се стемнува, температурата опаѓа.

Лежам во мокра трева со тројца многу вооружани Кенијци. На сто метри пред нас стојат три бели носорози. Не се свесни за нашето присуство, и одовде моите придружници можат да ја заработат годишната плата со три куршуми.

Но, нема. Тие се дел од специјална единица тренирана да го штити овој загрозен вид од трговците со рогови. Го прашувам водникот што би направил доколку забележи дека некој од неговите пријатели или соседи сака да улови носорог.

Неговиот одговор беше неотповиклив. „Ако убива носорози, краде од целата заедница. И ќе го убијам“.

Овде во Кенија некогаш имало 200000 од овие диви животни. Бројката опадна на околу 200 во 80-тите, но благодарение на засолништата, населението се врати на околу 600.

Резерватите Лева и Борана, 375 квадратни километри површина на која порано се одгледувало стока, ги сочинуваат тие засолништа.

Загрозените носорози, и бели и црни, се преместувани овде од 1984 година, но ловците ги наоѓаат.

„Изгубивме 17 од 90 носорози“, вели Michael Dyer од резерватот Борана. „Нѐ надмудрија и беа повооружени од нас, па моравме да го зголемиме обезбедувањето“.

Dyer регрутирал поранешен инструктор од специјалните сили на Британската армија да тренира избрана единица составена од локалци, а потоа им дал дозвола да користат смртоносно оружје и ги вработил како полицајци во резерватите.

„Оперираат во тимови составени од четири мажи, во кои има снајперист, двајца со митралез и еден кој сигнализира. Имаат опрема за гледање во темнина и дигитални радија, па ако имаат потреба, можат да повикаат поддршка на копно или во воздух“.

Тимовите набљудуваат 102 носорози, но кога ќе забележат ловци, не ги апсат. Не ги ни замолуваат да го предадат оружјето. Наместо тоа, ги стрелаат – 19 досега, во кратки заседи во кои жртвите не ни знаеле кој ги напаѓа.

Dyer вели дека ова е најбезбедниот начин да се соочат со ловците, кои би се соочиле со 25 години затвор доколку би биле осудени.

„Технички, мора да им ја понудиме можноста да се предадат, но тоа обично се случува откако ќе ги онеспособиме“, додава Dyer.

Ова функционира. Ловците, кои заработуваат по 21000 американски долари за 9 килограми рогови кои се вредни околу 57000 долари во Ханој, не се откажуваат. Но, минатата година ниту еден носорог не бил уловен во резерватот Лева. Во Борана изгубиле само еден, застрелан во јули. Но, користењето на приватна армија собрана од богати бели мажи која треба да ги стрела ловците покренува прашања колку е тоа легално и етички.

Dyer вели дека овде нема прашање.

„Носорозите живеат на оваа планета пет милиони години. Ако ние не ги заштитиме, кој ќе го направи тоа?“.

Локалното население, кое има доста бенефиции од туризмот, се чини дека се согласува.

„Ловците се лоши луѓе. Понекогаш ги гледаме во градот. Сиромашни мажи кои одеднаш се збогатуваат. Не можат да ги потрошат тие пари овде. Ги присилувме да си заминат“, вели локален сточар.

И покрај апелите на познатите личности и благородништвото, апетитот за роговите кои се статусен симбол за кој се верува дека може да излечи сѐ, од мамурлак до рак, сѐ уште расте. Секој носорог во Лева и Борана е потенцијална мета, а тоа значи дека секое животно има потреба од постојана заштита.

Во грмушките, водникот сигнализира и ние се повлекуваме – тројца тивки убијци и еден несмасен новинар.

„Дури и со тебе во тимот, носорозите не забележаа дека сме овде“, шепоти еден од војниците. „Сега гледаш колку им е лесно на ловците“.

Boda boda, евтините моторцикли увезени од Кина, го направија ловењето уште полесно. Возачи ги носат бандите со нив до грмушките, каде имаат сокриено оружје.

Кога ќе се наближи носорог, ловците го убиваат и му го сечат рогот. Понов тренд е на рогот да се остави и дел од кожата на носорогот. Трговците во Ханој и Пекинг го користат тоа како потврда за веродостојноста на потеклото, како еквивалент на етикета на шише сортно вино.

Тимот е сѐ уште вознемирен поради носорогот кој бил убиен во јули.

„Го слушнавме истрелот, но не знаевме од кој правец доаѓа. Додека стигнеме до таму, ловците веќе побегнаа“, велат.

Наредниот пат нема да има истрел.

„Ловците учат. Сега користат лак и отровни стрели“, вели еден од стрелците со митралез.

Им предлагам дека така ќе биде полесно да ги уапсат, но водникот негира.

„Сепак ќе ги стреламе“, вели.

Во 2014 година, околу 1215 носорози беа убиени за нивните рогови во Јужна Африка. Истовремено, 42 ловци беа застрелани од ренџерите и полицијата. Крвавиот конфликт е разгорен од лажните верувања во Азија дека рогот лечи разни болести, и секоја година има сѐ повеќе инциденти.