Рекламната кампања на Дон Дрејпер од серијата „Mad Men“ по 50 години стана реалност

Во поврзување на вистинскиот и фиктивниот свет на маркетингот, компанијата „Хајнц“ одобри користење на реклама, потполно идентична со онаа која на претставници на компанијата ја предложи главниот лик на телевизиската серија „Mad Men“.

Во популарната серија, која ги прикажуваше светот на маркетингот во 60-тите години на минатиот век, генијот за маркетинг Дон Дрејпер промовираше храбра рекламна кампања на директорите на „Хајнц“ за нивниот брендиран кечап, која воопшто не го прикажуваше производот. Наместо тоа, рекламните постери прикажуваа храна која оди одлично во комбинација со кечап – помфрит, чизбургер и стек – но без кечап во близина.

Слоганот кој Дон го предложи во епизодата гласеше: „Додај ми Хајнц“.

Стратегијата на создавање желба за одреден производ веројатно била премногу напредна за тоа време и Дон, во серијата, не успеа да го склучи договорот. Сепак, вистинското време за таа реклама, според рекламната агенција на „Хајнц“, дошло денес.

„Толку е едноставно. Дон заврши одлична работа. Ова е просто 100 проценти позиционирање на брендот. Гледате во овие одлични фотографии на празен помфрит, или бургер и нешто недостасува. И кога ќе кажеш „Додај ми Хајнц“ тоа е се што треба да се каже. Нема потреба да се покаже продуктот“, вели Анселмо Рамос од рекламната агениција која ја застапува оваа компанија за преработка на храна.

Во епизодата од 6-тата сезона „Mad Men“, која се емитуваше во 2013 година, претставниците на „Хајнц“ не ја прифатија идејата нарекувајќи ја „половична“. Директорите дури велат во тие сцени: „Сакам да го видам шишето, сакам да го видам производот“, додека Дон, им објаснува дека нема потреба од покажување на продуктот бидејќи потрошувачот сам ќе ја дополни својата мисла преку замислување на производот во неговата глава.