Реиздаден е единствениот албум на групата „Бастион“ по 35 години

ЛП-реизданието на истоимениот албум на скопската група „Бастион“, една од најблескавите и најпосакувани плочи во македонската музичка историја, ќе се појави на 16 март 2018 година под етикета на АCC Records. Промоцијата на новиот винил ќе се одржи во МКЦ, на 09 март, со почеток во 21 часот.

На промоцијата на реизданието ќе бидат присутни членовите на „Бастион“, а истата ќе биде збогатена со концерт на Тодор Караколев и ди-џеј сет на A Colder Consciousness. Посетителите ќе можат да ја набават плочата по промотивна цена, недела дена пред нејзиното официјално објавување.

Снимен во Скопје во 1983 година и оригинално издаден за ПГП-РТБ во 1984 година, албумот „Бастион“ е единствениот документ за соработката помеѓу пејачката и актерка Ана Костовска, музичарот и композитор Кирил Џајковски, басистот Љубомир Стојсављевиќ и филмскиот режисер Милчо Манчевски.

Една од првите електронски групи во Македонија беше прогласена од тогашниот југословенски печат за „македонска електро-поп сензација“. Четворицата артисти за неверојатно кратко време успеаја да снимат зрел, еклектичен и жанровски отворен synth-wave албум со гламурозен поп сензибилитет. Плоча што се слуша во еден здив.

„Бастион“ со леснотија се движи помеѓу безгрижната, ексцентрична поп-екстаза и заводливата меланхолија: од вртоглавата еуфорија на „Холивуд“ и „Мистер Комплекс“, преку мрачните електронски пејсажи на „Деца Сунца“ и „Месец у шољи“, па сѐ до возвишениот мистицизам на „Молитва“. Сочните и блескави синтисајзерски текстури на Кирил Џајковски, беспрекорниот фанки-бас на Стојсављевиќ, експресивниот и страствен вокал на Костовска и луцидната лирика на Манчевски се во совршена симбиоза. И по 35 години останува една од најизненадувачките плочи што некогаш излегле во Источна Европа, а која сѐ уште звучи свежо и возбудливо.

ACC Records е нова издавачка куќа позади која стои Флора Питроло, а произлегува од нејзината радио емисија „A Colder Consciousnees“, која зрачи од 2011 на Resonance FM (Лондон) и Канал 103 (Скопје). Емисијата го отсликува нејзиното континуирано истражување во архивите на поопскурната електронска музика од 80-тите години. Следните изданија на издавачката куќа вклучуваат претходно неслушнат француски минимал синт-саундтрак, романтичен италијански индастријал и клупски ориентирана експериментална електроника од современиот Лондон.