Регионална конференција за млади на РИКО од 31 октомври во Скопје

Од 31 октовмри до 4 ноември во Скопје ќе се одржи Регионална конференција за млади на РИКО.  На овој повеќедневен настан ќе биде основан и Советодавниот одбор на РИКО, но ќе се одржат и тематски работилници за млади.

На денешната средба меѓу директорот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), Дарко Каевски со претставниците на Националниот младински совет на Македонија се разговараше за актуелни прашања поврзани со млади.

Во однос на РИКО (Регионалната канцеларија за младинска соработка) беа дискутирани и јавните повици за конкурирање на проекти. Тие почнуваат во октомври, со што младите добиваат шанса да бидат дел од проекти кои обезбедуваат јакнење на нивните капацитети, размени и поголема конкурентност на пазарот на трудот.

Од сите претставници на младинските организации и од директорот Каевски, е заклучено дека е потребна зголемена промоција на работата на Регионалната канцеларија, како и транспарентен процес при изборот на членовите од Македонија за претставници во органите на РИКО.

Инаку, претходно месецов во Собранието се одржа јавна расправа „Младинските организации како дел од Берлинскиот процес“, Младите меѓу другото побараа воспоставување на домашна канцеларија, избор и назначување на нов младински претставник на РИКО, отворање на повици за проекти, да се случат првите размени на кои ќе патуваат млади луѓе, но и отворена соработка меѓу младинските организации и државните институции, базирана на взаемна доверба.

Фото: АМС