Референдумот во Дојран успеа за 25 гласа

„Со само 25 гласа се постигна цензусот за успех на референдумот во Дојран“, соопштија од невладината „Цивил“, предмалку преку фејсбук. Преостанува броењето на гласовите за да се види дали мнозинството граѓани на Дојран гласале „За“ или „Против“ продолжување со работа на рудникот „Казандол“ и отварање на други рудници на територијата на општината.

„Гласањето се одвиваше во една мирна, фер и демократска атмосфера. Во однос на излезноста можеме да кажеме дека од запишаните 2.747 гласачи, своето право на глас, неофицијално, го остварија 1.400 гласачи“, изјавија од ОИК Дојран.

„Во Дојран забележавме една малку побавна излезност, но, до крајот на гласањето според нашите сознанија кои се совпаѓаат со неофицијалните сознанија од институциите е дека референдумот постигна цензус и дека е успешен. Допрва ќе видиме како се изјасниле граѓаните и граѓанките. Им честитам на сите вклучени во процесот за добро завршената работа. Имаше забелешки на процесот во Дојран, како и во другите градови каде имаше референдум, во кои луѓето зборуваа дека одредени политички и финансиски струи се обидувале да влијаат на процесот, односно да го одбранат правото на „Казандол“ и на другите рудници да работат“, рече Џабир Дерала од „Цивил“.

Право на глас имаа 2.747 граѓани кои гласаа на девет гласачки места. Предуслов за референдумот да биде успешен е на него да излезат најмалку 50% плус еден избирач, односно 1.374 граѓани.

Референдумот беше распишан на барање на граѓаните кои стравуваат дека рудникот „Казандол“, но и потенцијалното отворање на рудникот „Башибоз“ на планината Беласица се еколошка закана по земјоделството, туризмот но и за Дојранското Езеро.

Дојран е трета општина од југоисточна Македонија која референдумски се изјаснува за прашањето на рудниците. Претходно успешни референдуми се одржаа во Гевгелија и во Богданци каде што жителите се изјаснија против отворање на рудници.

На 20-ти август референдум ќе се одржи и во Валандово, а потписи за распишување референдум беа собрани и од граѓаните на општините Босилово и Ново Село.