[Рецензија] „The Martian“: солиден, но предвидлив филм што не инспирира

Британскиот режисер Ridley Scott e еден од филмските „тешкаши“, чие творештво е толку масивно и разновидно, што е невозможно  да се сумира во една или две воведни реченици. Многумина ќе се сложат дека во филмовите на Scott во последните години (и децении) има сè помалку од оригиналноста на „Blade Runner“, а сè повеќе од претенциозноста и грандиозната комерцијалност на „Prometheus“. Но, мајсторството, филмското умеење, како и необично изразената способност да се направил солиден, a добро исплатлив филм, сè уште се одлики на Ridley Scott. Токму оваа способност, која во денешен Холивуд е реткост, режисерот ефектно ја демонстрира во своето последно хит-остварување, „The Martian“.

Марс. Во блиска иднина, откако сме успеале да испратиме човечки екипаж на „црвената планета“, една истражувачка мисија запаѓа во проблеми. Еден од астронаутите, Mark Watney (Matt Damon) останува на планетата, откако неговите колеги го напуштаат,  мислејќи дека е мртов. Во оваа загубена ситуација, тој го прифаќа предизвикот – да се преживее. Низ солидната изведба на Damon, ги следиме натчовечките напори на астронаутот, кој покрај негостопримливоста на Марс, мора да се бори со уште еден незгоден непријател – времето. Заплетот веднаш „мириса“ на рециклажа на стари идеи и веќе одговорени прашања, нешто како комбинација на „Mission To Mars“ и „Apollo 13“, со трошка „Gravity“, па дури и малку „Armageddon“.

Уште од самиот почеток станува јасно дека ова е филм кој не претендира на каква било оригиналност, ниту во сценариото, ниту во визуелниот пристап, а најмалку во филозофскиот пристап. Нашите прашања за Вселената, за индивидуалецот наспроти бесконечниот простор, за наивната, но искрена благородност со која човекот му приоѓа на вселенскиот бескрај, и овде се поставени. Но, тие прашања овде се во позадината. Во прв план, сепак, се добро познатите, често видени поставки на американскиот комерцијален филм – човечката драма, истрајноста, непредавањето, индивидуализмот.  Оттаму, „The Martian“ може да инспирира само на едно релативно плитко, „холивудско“ ниво, а неговите разврски и морални наравоученија се предвидливи и излижани. Дури и дискретните очекувања дека Scott сепак ќе се обиде да понуди некакво ново толкување, па и некоја свежа уметничка  димензија на вселенскиот филм, се покажуваат како преголеми.

Научната фантастика е жанр кој претпоставува извесна подготвеност на гледачите да „проголтаат“ физички неизводливи подвизи и отстапувања од реалностa во смисла на научната издржаност во делови од дејството. Но, оваа подготвеност има свои граници, кои „The Martian“ на повеќе места ги преминува. И кога ќе си кажеме – да, ова претерување е нужно за филмот , останува она непријатно чувство на навреденост од овие банални места.

[Рецензија] „The Martian“: солиден, но предвидлив филм што не инспирира

Американски астронаут е во неволја, а напомош прискокнува Кина, со својата напредна технологија. Патетиката на пораката за новоформираното американско-кинеско пријателство, сковано за да се спаси еден човек, е нескриена. Двете големи светски сили (Русија мора да не е добар партнер, а и ја нема таа технологија) конечно соработуваат, човештвото конечно мора да тргне напред. Вкусот е како да сте пробале некоја дива круша, од која ви се собира устата.

Ако можете да ги „сварите“ сите овие работи, „The Martian“ сепак не е лош филм. Добар е за неделна попладневна дегустација, по некој обилен ручек, на пример. И да ве фати дремка, нема да ви биде многу криво што сте пропуштиле пола филм. Одлична актерска екипа (Jeff Daniels, Jessica Chastain, Kate Mara, меѓу другите), лесен, допадлив хумор, солидна режисерска постапка и шеќерен хепиенд. Ridley Scott сè уште е мајстор на старомодните блокбастери.

Жарко Настоски