[Рецензија] Патување низ светот со звуците на Thievery Corporation

Од најпознатите хитови, до песните од најновиот албум The Temple of I & I, минатата вечер на Стадионот на АРМ во Скопје љубителите на американскиот бенд Thievery Corporation уживаа во двочасовна музичка нирвана.

Познатиот вашингтонски колектив на диџеи и музичари, кој во Скопје дојде во полн состав, ја забавуваше македонската публика со своите боса нова, реге, даб, асид џез звуци и песни со влијание на традиционалната музика од Блискиот исток.

Оттаму, со леснотија нè носеа нас присутните на другата страна на глобусот – во Бразил, во Јамајка, во Либан… Сето тоа толку умешно изведено, што сите краеви и бои на светот беа склопени во една шарена, певлива какафонија која направи Скопје прекрасно да звучи.

Роб Гарза и Ерик Хилтон, заедно со своите придружни артисти, изведуваа синглови од сите периоди на нивното долгогодишно творештво – почнувајќи со Until The Morning од албумот The Richest Man in Babylon од 2002 година, па сè до Love Has No Heart од последниот албум, објавен во февруари годинава.

Секој од дванаесеттемина музичари кои синоќа стапнаа на сцената, со себе донесоа и невидена енергија. Секој од присутните беше во свој свет – играјќи, нишајќи се со затворени очи или пеејќи на цел глас. Скопје беше, барем за час или два, многу поопуштено.

На мое изненадување, ја отсвиреа и мојата омилена песна – The Heart’s a Lonely Hunter (замислете да го донесеа и Дејвид Бурн од Talking Heads), a ми се чини дека токму тогаш и се крена колективната енергија. Дали поради музиката, или поради впечатливиот настап на дотогашниот перкусионист, а сега пејач, кој трчаше околу сцената и жонглираше со светилки, не знам.

Публиката беше упорна и жедна за забава и откако бендот замина од сцената, па ги вративме на бис. Па на уште еден. Едногласно ја пеевме The Richest Man In Babylon, а завршивме со Heaven. Јас така и се чувствував, бестелесно и реалаксирано, иако од работа директно дојдов на концерт и телото ми се тресеше од умор. Место во Скопје, бев некаде крај море, ми се чини.

„Saudade“ е португалски збор кој нема превод. Го користат за да опишат чувство на убава меланхолија, на копнеж за нешто или некого кој не предизвикува тага, туку некоја „слатка мака“. Тоа е и името на албумот на Thievery од 2014 година. А, јас мислам дека со тој збор одлично ќе го опишам чувството кое присутните синоќа ќе го имаат кога ќе се потсеќаат на овој прекрасен концерт.

Стефанија Тенекеџиева