[Рецензија] Обликот на водата цели високо, но грандиозно потфрла

Вчеравечер, во Кино Милениум, 12 денови пред светската премиера, домашната публика го гледаше  најновото дело на Гилермо Дел Торо.  Во Обликот на Водата, Сели Хокинс ја игра  Елиса Еспозито, нема жена, која како дете била најдена на брегот на некоја река, со пресечени гласни жици. Нејзините единствени пријатели се Џајлс (Мајкл Стулбарг), неуспешен илустратор на крајот на својата кариера, и  Зелда (Октавија Спенсер) , со која Елиса работи заедно како чистачка во воената база, во која се извршуваат разни тајни експерименти.  Кога ќе отиде на работа во базата, Елиза случајно се запознава со речно суштество, познато само како Средството, донесено во базата за врз него да се експериментира. Во екот на Студената Војна, Американците, на  чело со полковникот Ричард Стриклен (Мајкл Шенон) се надеваат дека тоа што ќе го дознаат од средството ќе им помогне во вселенската трка против Советскиот Сојуз. Елиза во суштеството, кое и како неа, е немо, препознава нешто повеќе и решава да му помогне.

Тие кои имаат видено дел од опусот на Дел Торо (Пановиот Лавиринт, Хелбој,Мимикрија ),  ќе бидат на донекаде познат терен. Заедно со типичниот пејзаж на вкусни композиции, впечатливи бои и пригушеното светло, во рецептот се додадени и поклонувања кон филмските ѕвезди од 50те и 60те години од минатиот век.  За жал, убавите кадри  и богатата сценографија немаат шанси против сценариото и режијата, кои оставаат многу да се посакува во филмот. Силниот старт брзо го губи темпото и после првите  триесет минути станува напорно да се следи дејството.  Ова најмногу се должи на начинот на кој се изградени ликовите, но и самата приказна која ги поврзува.

Стрикленд, кој е главниот антагонист  во филмот, повеќе личи на карикатура , отколку на изграден лик. Да немаше неколку сцени со скоро самозадоволувачко насилство во филмот, најверојатно ќе изгледаше комично. Вака е оставен повеќе на маргините, изваден од своето ќоше кога на дел Торо му треба  да внесе малку тензија во приказната.
Љубовната приказна која треба да биде стожер на дејството е  неразвиена,  на моменти дури банална.  Средството,  неимагинативното име на суштеството  со кое се зближува Елиза, во текот на скоро целиот филм покажува ниво на интелигенција  на кутре, или во најдобар случај, на тригодишно дете.

Неисцртани  ликови, архетипи, стереотипи. Дел Торо намерно ги гради ликовите во филмот на основа на клишеа – и тоа, само по себе, не би била лоша работа за ваков филм, кој уште од самиот старт најавува дека треба да се гледа како модерна бајка . Презимето на Елиса е Еспозито, кое,  на македонски се преведува во „сираче“, или средното име на Зелда, “Delilah” или,на македонски, Далида, која асоцира на библиските приказни за Самсон и Далида. Средството, пак, е директно трансплантирано од „Суштеството од црната лагуна“ или некој сличан филм, популарен токму од периодот во кој се случува Обликот на Водата, доиспеглано со модерна технологија, но со помалку харизма, ако тоа е можно.

Клишеата , кога се добро употребени,  ја прават поефикасна и постегната приказната, но премногу е да се очекува дека ќе можат да ја издржат целата тежина на еден двочасовен филм на своите рамења.  Ова можеби најпрепознатливо кај ликот на доктор Хофстетер, за кој истовремено треба да веруваме дека е студен, високо обучен професионалец, но и емотивен, емпатичен научник,  сомничав и внимателен, за потоа одеднаш да стане наивен и непресметлив, само затоа што тоа така му одговара на сценариото.Овие контрадикторности  стануваат  особено очигледни при крајот на филмот, кога низа на „случајни“ настани водат до расплетот. Едно е да се очекува публиката да замижи пред некои  среќни или несреќни случајности во приказната, но кога тие ќе почнат да се нагомилуваат и најдобро расположениот гледач ќе почне да превртува со очите.

Филмот има и свои светли моменти, но  дел Торо најчесто не успева да извлече поголема вредност нив или од таа филмска историја која се обидува да ја емулира. Во текот на филмот, ме прогонуваше чувството дека нешто ми се продава, како во глава да ги слушав фокус групите кои довеле до тоа целата приказна да изгледа како што изгледа. Во обидот да го направи  полесен за гледање и, можеби, комерцијално поуспешен , тој создава нешто што  со жалење ќе го наречам „кино според бројќи“. Филмот како да ги заокружува сите точки кои се потребни за оптимална економска успешност – нем главен лик, црна најдобра пријателка, несекојдневна љубовна приказна итн.  Ова можеби би му се простило на некој помлад, помалку искусен режисер, но не и на ветеран како дел Торо.

Конечно, Обликот на Водата не е толку лош за да биде негледлив, но очигледните неуспеси во него се дотолку повидливи токму поради тоа што филмот се обидува да го направи. Приказната и ликовите без  длабочина, наместо омаж, го претвараат филмот во небалансиран колаж на влијанија кои не успеваат да бидат повеќе од збирот на своите делови.  Посегнувајќи по ѕвездите, Обликот на Водата останува да плива во плиткото.

Атанас Димитров

Како дел од овогодинешното издание на фестивалот на Европскиот филм Синедејс, Радио МОФ ја објавува петтата од серијата на рецензии за филмовите кои играат на него. Фестивалот се одржува во Скопје, од 9ти до 19ти ноември. Повеќе информации за Синедејс можете да најдете на: http://cinedays.mk/mk.