[Рецензија] „Ние, европски лешеви“ – бизарен протест против лицемерието на (мртвата) Европа

Речиси секогаш кога гледам претстава или филм, без разлика колку е чудно, неразбирливо и нелогично дури и да го сонувам она што сум го гледала, имам некакво толкување, некаква концизна идеја на која се сведува сè што се случило пред моите очи. Но, оваа претстава, напишана од Симона Степениќ, која ја нарекуваат „најрадикална писателка која Словенија досега ја имала“, ми остави неколку неповрзани интерпретации, или ниту една. Сè уште не сум сигурна. Ништо нема да ве подготви на она што „Ние, европски лешеви“ ќе ви го претстави.

Сепак, сигурна сум за едно – преку бизарни и апсурдни пресврти, сцени и ликови, актерскиот тим во стотина минути успеа да ги постави најважните прашања за политичките (не)можности и хипокризијата на европското општество денес.

Плашејќи ја и вклучувајќи ја публиката, која и после „најрандом“ глетките повторно лесно се изненадуваше, оваа претстава се запиша меѓу најхрабрите и најиновативни кои досега сум ги изгледала на фестивалот МОТ, или кои сум ги гледала воопшто, а која критикува на сосема ново, повисоко ниво.

Нихилизам, апсурдизам, револуција, религија, генетски модифицирана храна, распад на систем, зајакнување на  новиот, консумеризам, глобално затоплување… Во неполни два часа, Словенците успејаа да го закопат семето на сомнежот во публиката, или барем во мене, бидејќи сè дури не заспав минатата ноќ, се мислев дали има било каква моќ или смисол во политичката на ова време, кога Европа (каква што вели дека е) е мртва, а светот е воден од алчноста и желбата за одреден статус.

Оваа парада на бизарни ликови и незамисливи „флешови“ е особено релевантна и за македонската сцена – додека словенечките актери голи „го линчуваа“корумпираниот екс-премиер Јанез Јанша на сцената, нашите насилно се отстрануваат од „штиците што живот значат“ поради голотија. Словенија и Македонија, некогаш дел од истата федерација, слични на големина и население, не толку различни ни културолошки – едната пцуе по сопствените министри, по религијата и по сопствените сограѓани, по храната што ја јадат и воздухот кој го душат. Дури и по Хилари Клинтон, која велат дека е „слуга на Вол Стрит и роб на воената машинерија“. Истовремено, но како во паралелен универзум, Македонија „го срка“ она што и го послужил државниот цензор. Уште еден апсурд кој ми го сервираше Младинскиот театар од Љубљана.

Она што е најинтересно е што со толку циничност и нихилизам, место да ме „умртви“ и обесхрабри за иднината, оваа претстава ме возбуди за нејзината неизвесност, бидејќи колку и да е нешто страшно и збунувачко, додека трае, животот ти е исполнет. Подобро е било што да се случува, нешто да те тера на револуција, отколку сè да е „под конец“. Тогаш идиличното, либертаријанско и еднакво за сите, (лицемерно) европско општество, не претвора во лешеви, луѓе кои навидум имаат сè, но вечно ќе се бунтуваат против нешто – без разлика дали е крајот на светот или правото да пушиш цигара во кафуле.

И она најчудното, најморничавото и најбизарното, во оваа претстава беше забавно, дури и смешно за гледање.Таква е и нашата иднина, како човештво и како индивидуи – неизвесна, потенцијално бизарна, но сепак се надеваме на неа. Можеби утре доаѓа неизбежен крај на цел свет, но важното е дека нешто се случува, дека не сме лешеви.

Можеби јас сум циник, можеби не залудно егзистенцијализмот ми е омилен литературен правец. Можеби сите други во публиката претставава ги раздразни и исплаши. Но, мене слатко ме насмеа. Ме насмеа поради бесмисленоста на сè околу нас, но и неопходноста да се делува, без разлика колку е нашето постоење бесмислено. На крај, важно е да живееш додека си тука, а не да бидеш жив леш.

Стефанија Тенекеџиева