[Рецензија] La La Land – омаж на Холивуд кој некогаш беше и нештата што можеа да бидат

По неколкудневно двоумење, (рекордни) седум Златни глобуси и неоправдан стереотип дека мјузиклите не се за мене, одлучив да го гледам вториот филм на Дејмиен Чазел – La La Land.

Она што мислев дека ќе биде два часа и осум минути непотребно натпевање и надигрување, ги надмина очекувањата кои младиот режисер ми ги постави со неговиот брилијантен дебитантски филм Whiplash.

Опсесијата на Чазел со џезот, гламурот на Холивуд и пасијата кон уметноста која го обзема уметникот, дотолку што не може да ја одреди линијата меѓу својот сон и реалноста крај луѓето кои му значат, е перфектно отсликана во овој прекрасен, умерен омаж кон еден Холивуд за кој толку читам и слушам, но кој во изминативе децении згасна. Се престори во реклама за дијаманти и креатори, пласирани производи во кратки кадри и непотребни компјутерски ефекти, но е закопан во шармот и боите кои Чазел успеал да ги откопа од гробиштата на Златната ера.

Место натрупани, неприродно весели и грандиозни сцени, La La Land (нека не ве лаже името, не е се така весело) е како шарениот сон кој го имате, додека опстојувате во сивилото на реалноста. Филм кој е една фантазма за убавата иднина која ја посакувате, додека се сеќавате на убавото, за жал, минато.

Визуелно и технички, ова е веројатно најдобриот филм кој сум го гледала  од Birdman до вчера. Секоја сцена, секоја фотографија, секој зрак светлина во филмот е поставен со вкус и „усул“, доволно да те направи да полеташ во еуфоријата на протагонистите, и да те расплаче кога и ним им се плаче. Целата нарација е скриена во деталите, од пејзажот и годишните времиња, до фустаните на хероината Миа – син кога животот е тажен, блескаво светол во добрите денови.

А, музиката… За музиката не сум соодветна да зборувам, иако се сметам себеси за вечно неостварен, но некаде длабоко, присутен талент. Можеби и затоа борбата за оној мал, половина метар квадратен под најсветлиот рефлектор ми се чинеше како да е моја. Ова ремек-дело, кое верувам дека ќе влезе во учебниците по кинематографија и за неколку децении ќе се нарекува „класик“, дише со секоја нота и секој чекор од перфектната кореографија.

Но, тука е и онаа другата приказна, вечната носталгија и љубовта, жртвите и изборите кои ги правиме. Вечното прашање – „Што ако?“. Не сакам да бидам таа личност која ќе ви го расипе прекрасниот крај. За оние кои ги сакаат отворените краеви и цели приказни скриени во насмевката на, пример, Бил Мареј во Lost in Translation, или збунетиот поглед на Дастин Хофман во The Graduate (една секунда која го крие вечното двоумење и незнаење зошто сме тука), ова е уште еден крај за кој долго ќе размислувате. Крај збунувачки, тежок, но и прекрасен. Како и животот.

„Тие обожаваат сé, а не ценат ништо“, вели главниот машки лик Себастијан. Секако, зборува за нас, за мене и тебе, за сите ние кои зборуваме за овој филм со толку пофални зборови и воодушевување, за фанфарата и помпата на црвениот килим и за фотографиите со нивните Оскари откако, верувам, ќе ги освојат. Зборува за нас, за секогаш присутното, безобразно око кое сака да биде дел приказната, но утре веројатно нема да ги памти ситните детали кои го прават маестрално ова дело. Можеби и го „скрши четвртиот ѕид“ со таа реплика. Но, верувам дека барем неколкумина освен мене го ценат La La Land. Барем оние кои го преживеале – љубовта и полетот, реалноста и изборите, ќор-сокаците, музиката, убавината по патот… Ќе го ценат овој филм „за будалите кои сонуваат“.

Некако ми се чини соодветно да позајмам еден стих од The Verve – „It’s a bittersweet symphony, that’s life“. Слично на животот, таков е и La La Land. И верувајте, нема да зажалите ако го гледате.

Стефанија Тенекеџиева